Лада Шоптрајанова Петровска
Во срцето на Латинска Америка, во центарот на Буенос Аирес, почесно место има театарот „Колон“. Многумина не ја знаат оваа оперска куќа, а важи за една од најдобрите во светот, на ниво со миланската Скала. Според акуaстичните перформанси, оценета е како петта најдобра во светот. Театарот „Колон“ е граден речиси 20 години. Камен-темелникот е поставен на 25 мај 1890 година, со замисла објектот да биде готов до 12 октомври 1892 година, токму за одбележувањето на 400-годишнината од откривањето на Америка. Автор на проектот бил Франческо Тамбурини, а по неговата смрт во 1891 година, неговиот партнер Виктор Меано ја продолжил изградбата сѐ до 1894 година, кога, поради финансиски проблеми, градењето било запрено. Во 1904 година, по смртта на Меано, честа да го доврши објектот му припаднала на Белгиецот Жил Дормал, кој направил измени во проектот, особено во ентериерот, каде што најзабележителен е францускиот стил. По сите овие перипетии и со нецелосно завршената зграда, театарот „Колон“ бил свечено отворен на 25 мај 1908 година, со операта „Аида“ на Џузепе Верди.
Во првата половина на 20 век, Буенос Аирес бил космополитски град отворен кон Европејците, кои наоѓале прибежиште во него. Таму свој дом нашле филантропите што бегале од војните; докторите Евреи што сакале да се спасат од Хитлер; руските интелектуалци што биле цел на чистките на Сталин; шпанските социјалисти што не можеле да ја поднесат диктатурата на Франко. Културата цветала во овој јужноамерикански град полн со гламур. И не е случајно што во едно такво опкружување, пред образована публика од целиот свет, театарот „Колон“ бил и останал до ден-денес една од омилените сцени на најголемите светски оперски ѕвезди.
На неа блеснале: Карузо, Бенјамино Џиљи, Марио дел Монако, Лучано Павароти, Пласидо Доминго и Хозе Карерас, дивите Марија Калас, Рената Тебалди, Монсерат Кабалје… диригентите Артуро Тосканини, Херберт фон Карајан, Даниел Баренбојм, Рикардо Мути. Секој што бил „некој“ настапил во театарот „Колон“ во Буенос Аирес.
Интересна анегдота се врзува за почетоците на „Колон“. Имено, тогашниот претседател Дон Марсело де Алвеар и неговата сопруга биле редовни гости во театарот. Публиката постојано доцнела на почетокот на претставите, што многу го нервирало претседателот, па, така, тој решил неколку минути пред секоја претстава да станува и со двоглед да ги набљудува оние што влегувале со задоцнување.
Доцначите биле засрамени и почнале да доаѓаат навреме. Алвеар ја постигнал својата цел и воспоставил традиција што трае цел еден век.