Управителката на галеријата „Артерама“ Мери Кицовска и нејзиниот брат, ликовниот уметник Јорданчо Кицовски, успеаја да останат „на нозе“ иако ја отворија галеријата во време кога започна пандемијата на ковид-19
Мери Кицовска, галеристка
Новата уметничка галерија „Артерама“ сместена во центарот на Скопје, во една од уличките што водат до основното училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“, започна со работа пролетва, за време на прогласувањето на пандемијата на коронавирусот. Сепак, како што вели галеристката Мери Кицовска, успеале да останат „на нозе“, особено благодарејќи на уметниците што им ги дале својата доверба и поддршка да ги изложат и да ги продаваат нивните дела, а истовремено и на посетителите и купувачите, кои и покрај пандемијата избираат да уживаат во убаво парче уметност.
Какво е вашето искуство во досегашниот период, го привлековте ли посакуваното внимание на уметниците, посетителите и на купувачите?
– „Артерама“ ја отворивме оваа фамозна пролет, токму на денот кога се прогласи пандемијата. Задлабочени во опремувањето на галеријата, растрчани на средби со уметници, примање уметнички дела, не ни знаевме што се случува околу нас. Слушавме дека се појавил некаков вирус за кој уште никој ништо конкретно не знаеше што е, а ние паралелно си се подготвувавме за свеченото отворање. Каневме гости, пријатели, уметници, кои едвај чекаа да дојдат и да видат што всушност се отвара и да ни ја дадат својата поддршка. Кога веќе беше сѐ средено и во секој момент требаше да се отворат вратите за јавноста, добивме порака дека се забрануваат собири од јавен карактер. Па повторно се фативме за телефоните да им јавиме на сите поканети дека свеченото дружење го пренасочуваме за „некои подобри времиња“.Од денешна гледна точка, тој 15 март ќе го паметиме како ден на издржливоста. И, ете, го надминавме и тоа.
Изложени за продажба се дела на уметници од различни возрасти, работени во различни техники, меѓу нив и поголем број илустрации. Прогласивте и Денови на македонски илустратори, во што се состоеја тие?
– Како и сите што започнуваат некој бизнис така и ние го трасираме нашиот пат. Ја отворивме галеријата затоа што длабоко веруваме дека секој уметник треба да има свое катче каде што ќе се изложи и продава неговото дело, а самиот тој слободно ќе креира и ќе твори. А соработката со илустраторите дојде сосема спонтано. Прво започнавме со врамување на нивните илустрации, а потоа една по една почнаа и да се продаваат. Секој илустратор има своја приказна, свој стил. Чест ни е за интересот што и самите илустратори го покажаа нивните дела да бидат претставени и продавани во уметничка галерија, па од таа причина одлучивме да прогласиме Денови на македонски илустратори. Истовремено сме воодушевени од приемот и интересот на купувачите на уметност за ваквите дела. Илустрациите се претежно во А3-формат, врамени со тенка декоративна рамка и стакло, но веќе имаме интерес од купувачите тие да бидат печатени во големина на постери, на платно или како фототапети.
Колку сте задоволни од досегашниот интерес на граѓаните за врамување слики и за декорирање ѕидови, услуги што ги вршите, со оглед на здравствената криза што сѐ уште трае во земјава?
– Покрај продажба на уметничките дела од македонските уметници и илустратори, имаме широк спектар на услуги: врамуваме со декоративни дрвени рамки, продаваме сликарски платна, огледала, вршиме процена и реставрација на уметнички дела, изработуваме огледала со и без фазета или рамка, изработуваме ѕидни и тавански мурали на секаков вид површини, вршиме графичко-дизајнерски услуги, печатиме документи, платна, текстил, фототапети итн. Здравствената состојба во земјава, а и на глобално ниво си го направи своето. Па како и во секоја бранша, така и во оваа го почувствувавме ударот. Особено периодот со карантинот и полициските часови. Но за наша среќа, тоа не траеше долго. Човекот не би бил човек доколку не би нашол начин како да ја изрази или задоволи својата креативност. Оние поенергичните, поупорните и поистрајните успеваат да ги реализираат своите цели. Во време кога дури и уметноста се сведе на виртуелен пристап и достапност многу е полесно да се биде покреативен. Луѓето се научија да купуваат преку онлајн нарачки, Фејсбук и инстаграм-пораки, мејлови.
Организиравте ли и други изложби, освен изложбата на Владимир Величковски одржана во галеријата, и кои ви се плановите за работа во иднина?
– Идејата и желбата на професорот Величковски токму во „Артерама“ да направи изложба истовремено нѐ изненади и нѐ воодушеви. Што се однесува до плановите за работа во иднина, како и за одредени изложби и промоции оставаме посетителите и купувачите да бидат изненадени. Им посакуваме на сите да останат во добро здравје, да бидат среќни и да продолжат да ги изразуваат својата фантазија и креативност, а сѐ друго само по себе си се мести. Уметноста во мрачни времиња, хранејќи ја душата, секогаш има исцелувачка моќ.