„Хироус“ (Heroes) e нов издавачки центар што создава и одбира интересни и забавни изданија за широка публика. Како што велат оттаму, нивната мисија е да изработуваат и издаваат квалитетни книги што ќе бидат распространети насекаде во државата и ќе бидат достапни по прифатлива цена.
– На овој начин сакаме да ги популаризираме хероите од разни книги што во себе носат поуки за реалниот живот и учат за високи животни вредности. За остварување на нашата мисија ние започнуваме со работа преку малку поинаков концепт и идеја од класична издавачка куќа – велат од „Хироус“.
Издавачите планираат секоја недела да издаваат по една книга од нивната програма. Книгите ќе бидат достапни на читателите во сите градови и населени места во земјата каде се продава дневниот весник „Нова Македонија“, односно ќе бидат достапни на повеќе од 750 продажни места.
Покрај големата распространетост на книгите, тие ќе бидат и економски достапни на читателите, односно ќе можат да се набават по промотивна цена од 100 денари, доколку се купат заедно со дневенниот весник.
– Ние ќе се стремиме да го поттикнеме читателот во секого од нас, создавајќи привлечни изданија од повеќе категории, вклучувајќи популарна наука, прилагодени класици за рана возраст, илустрирани приказни, современи класици, популарна психологија, едукативни игри и загатки и слично – велат од „Хироус“.
Издавачкиот центар „Хироус“ пет отсто од профитот од секоја продадена книга ќе донира во обнова на библиотеки во домови за деца без родители, болници за деца со ретки болести, освежување на училиштните библиотеки, групни домови низ државата и уште многу места.