Фестивалската забава продолжува на „Самерленд“, што се одржува на отворената сцена Школка во Градскиот парк во Скопје. По изведбата на првата хипхоп-претстава во регионот „Црнила ремикс“, следуваат и настапите на „Амон Мра бенд“ вечерва, со почеток во 20 часот, и на групата „Летечки пекинезери“ во 22 часот. За сабота е закажан концерт на босанската рок-група „Црвена јабука“ (21 ч.), а в недела концерт ќе одржи групата „Културно уметнички работници“, почетокот е во 21 часот.
Секојдневно на „Самерленд“ има и спортски, забавни и едукативни активности како вежбање аеробик, зумба и кросфит, часови по латино и хипхоп-танцување, хуманитарно готвење за бездомните лица, изложби на отворено, цртање во живо, детски работилници, како и програма за деца.
Фестивалот е под покровителство на градот Скопје и има цел да биде пријатно место за сите скопјани во текот на јули, катче под ведро небо каде што секојдневно можат да го поминат слободното време, да се рекреираат, да се дружат и да уживаат во богатата културно-уметничка програма.