„Култура сега!“ на „ДримОН“ во Струга

Шестото фестивалско издание апелира за културни настани и во провинцијата, за деметрополизација, современост…

„Култура сега!“ е мотото на 6-то издание на фестивалот за процесирање култура „ДримОН“, кој ќе се одржува во Струга, од 25 до 29 јули. Организаторите со мотото апелираат дека е доста со запоставување на културата, која е важна гранка во општеството, и дека мора веднаш да се дејствува за нејзино издигнување од пепелта. Се апелира за културни настани и во провинцијата, за кварт на култура во Струга, за деметрополизација, современост, интердисциплинарност, интеркултура, уметничка автономија, за унапредување и оплеменување на културните институции, за право на култура до сите.

– Гласот ќе го артикулираме преку петдневна програма, богата со книжевни промоции, дискусии, музички концерти, театарски претстави, дискусии, изложби. Изданието се создаваше во соработка со клучните гласови од независната културна сцена, кои се заслужни за идејата да се превртат концептите на културните политики и да се постават нови постулати и стандарди насочени кон врвност, современост и европска вредност: „Јадро – асоцијација на независната културна сцена; Локомотива – центар за нови иницијативи во уметноста и културата; „Десонанс“ – музички фестивал, „Темплум“, „Три“, „Или-или“ – издавачи и фондацијата „Славко Јаневски“.

Со детска работилница под наслов „Балон арт“ годинешното издание на „ДримОН“ почнува на 25 јули во 12 часот, а тој ден ќе почнат да се откриваат и тајните на разбојот и праисториско ткаење, ќе се говори за демократизација и децентрализација на јавните простори и јавните добра преку нов модел на институции и јавно-цивилно партнерство, а вечерта на програмата се промоциите на книгите „Рок-енциклопедија“ на Тошо Филиповски, „Ехо на слободата“ на Ана Јовковска, отворањето на ликовната изложба на Антони Мазневски и „Македокс“ – филмскиот маратон.

Од вториот ден посочуваме: „Архилаб“ – мапирање јавни простори за независната сцена, изложба на плакати од кампањата „Култура сега“, дебата со Aлександра Бубевска под наслов УНЕСКО регион – „Мачкање очи/потенцијална стварност“, театарската претстава „Бог на масакрот“ во режија на Нела Витошевиќ, ликовната изложба на Никола Радуловиќ и др.

На 27 јули вечерта на програмата се книжевните промоции: едицијата „Лифт“ и „Собрано творештво на Димитрие Дурацовски“. Ќе биде отворена ликовна изложба на Миле Нически, а најавени се концерти на „Линколн летер“ и Горан Трајкоски. Публиката во двата последни фестивалски денови, меѓу другото, ќе може да ја проследи и работилницата за современ танц со Александар Георгиев и Дарио Бардам, промоцијата на новата програма на „Лице в лице“ – „Сенс“ дебатата „Култура сега! со Aлександра Бубевска, инсталацијата на Антонио Пирковски, промоцијата на „Одбројување“ на Фросина Пармаковска, добитник на наградата „Роман на годината“ за 2017 година, како и проекцијата на филмот „Исцелител“ со режисерот Ѓорче Ставрески. Крајот е резервиран за „Јади по тро“ – арт-кујна со Печур и Давид на Летната сцена во Струга.