Добитници на стипендија за учество на летната школа за 2018 година што проектниот простор „Прес ту егзит“, како партнерска организација на организаторот, Центарот за современа уметност од Приштина, им ја доделува на двајца македонски стипендисти, се уметниците Кристина Божурска и Николче Славески. Тие ќе имаат можност да учествуваат во програмата за 2018 година, која ќе се одржи во периодот јули-август, а се состои од единаесет курсеви, кои на учесниците и на публиката ќе им овозможат единствено искуство преку модел на алтернативна уметност и образование.
Кристина Божурска дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, a магистрирала на Институтот за културолошки студии во областа на социјално-уметничката практика. Николче Славевски е ликовен уметник, кој дипломирал на Факултетот за ликовна уметност. Досега има реализирано една самостојна изложба и учество на повеќе групни изложби во Македонија и странство. Во своите дела тој се занимава со трудот, трудовите процеси и општествената положба и улога на уметникот, како и улогата на уметноста.