Организиравме и учествувавме на неколку регионални истражувања од кои ќе се изработат анализи на условите за работа на уметниците и културните работници во време на криза. Она што го сфативме е дека кризата само повеќе ги акцентира веќе прекаријатните услови за работа на оваа сцена и дека се потребни итни реформи ако сакаме современа и демократизирана јавна културна сфера, вели раководителката на центарот „Локомотива“
Независната културна сцена во изминатиов период на пандемијата на коронавирусот беше активна на планот на застапување на потребите на актерите на неа. Оттука произлегоа и иницијативата „Културата е насловна страница на секое општество“ и асоцијацијата на независната сцена „Јадро“ со поддршка на Синдикатот на културата на Република Македонија, кои направија „Барање за воведување на специјални мерки за помош на домашната вонинституционална културна сцена како резултат на кризата со коронавирусот“ и во овој период работеа на изработување на две уредби.
– Работеа и на преговори за потпишување договори и доделување средства за проектите оваа година – вели Билјана Тануровска Ќулавковски, раководителка на центарот „Локомотива“
Таа објаснува како независната културна сцена успеа да се снајде во новонастанатите услови и да задржи одредена видливост на својата работа.
– Исто така, баравме и можности за реформирање на програмите во услови на криза со ковид-19, како и одложување на оние проекти што требаше да се одвиваат во овој период. Организиравме и учествувавме на неколку регионални истражувања од кои ќе се изработат анализи на условите за работа на уметниците и културните работници во време на криза, што ќе послужат за наши понатамошни заложби за реформирање на условите за работа. Она што го сфативме е дека кризата само повеќе ги акцентира веќе прекаријатните услови за работа на оваа сцена, и дека се потребни итни реформи и развој на механизми и инструменти за поддршка, ако сакаме современа и демократизирана јавна културна сфера – додава таа.
Оценувајќи го начинот на кој главно онлајн се реализираа и сѐ уште се реализираат различни настани на институции и на уметници во земјава, Тануровска Ќулавковски смета дека таа не наишла на некои нови содржини во смисла на посебно реализирани програми за време на кризата.
– Она што го знам е дека институциите, односно некои од нив, имаа емитување на видеа од претстави, или минати програми, но нема активности посебно обмислени и развиени сега. На пример, некои театри, уметнички институции и организации развија посебни програми, некои од нив и во регионот. Оние што ги следам се дискусиите на „Битеф театар“ (на една од нив учествував и јас), на „Аксиома“ – институт за современа уметност во Љубљана, на „Антисезона проект“ од Загреб и разни други предавања, дискусии, како и неколку работилници што се организираа во овој период во Европа. „Локомотива“ направи две програми во оваа линија: „Култренинг“, слободни онлајн часови по современ танц, кои ги водеа Ивана Коцевска, Христина Ангеловска и Валентин Апостоловски и „Архива на рефлексии – Каде сме сега и каде одимe?“, која е достапна на Фејсбук.
Оваа програма ја направивме за да создадеме архива на размислувања за сегашните и за претстојните социополитички и економски влијанија врз уметноста и културата, а се состои од триесетина интервјуа со културни работници, уметници, критичари, активисти на граѓанското општество, наши колеги и соработници. Ги повикавме да предложат, шпекулираат, критикуваат, односно да промислат и да рефлектираат на прашања што се однесуваат на културата на солидарноста, создавање и ширење на знаењата во овие времиња, нови модели на поддршка на современа продукција, и мерките за надминување на несигурната прекаријатна позиција на уметниците и културните работници – вели Билјана Тануровска Ќулавковски.
Програмата, меѓу другото, се смета и за обид за создавање нов јавен простор, бидејќи веќе постојниот, како што е во неа посочено, веќе е одземен од вирусот. Интервјуата со соработниците на „Локомотива“ се споделени на нејзиниот канал на Јутјуб.