Краткометражниот филм „Љубовникот“, снимен во манирот на старите неми филмови по сценарио и во режија на Игор Иванов Изи, а во продукција на „Скопје филм студио“, е во завршна фаза на пост-продукција.
Од продукциската куќа соопштија дека филмот пред неполни два месеца беше снимен на локација во Скопје во населбата Карпош 2, каде што со креативна сценографија, костимографија и приод на камерата беше создаден автентичен амбиент за работа на нем филм од 30-тите години на минатиот век.
Речиси како низ машина за времеплов, се наведува, постигнат е ефектот на незвучен филм, а актерската игра со препознатливата нагласена гестикулакција својствена за немите филмови шармантно ја пренесува приказната за еден љубовен триаголник.
– Оваа нетипична филмска авантура за актуелното време има амбиција да потсети на филмската естетика од минатото, на големината на подвижните слики независно од тонот, и гледано од денешен аспект, гледачот да ја види таа сензација и натаму како свежа филмска форма. За таа намена филмот е снимен со 18 квадрати во секунда – нагласуваат од „Скопје филм студио“.
Улогите ги толкуваат Игор Ангелов, Наталија Теодосиева и Сашо Петровски.
Кинематографери на филмот се: доајенот на македонскиот филм Драган Салковски, Дејан Димески и Томи Салковски, костимограф е Емилија Атанасовска, монтажата е на Владимир Павловски, а продуцент е Томи Салковски.
Филмот е во продукција на „Скопје Филм Студио“ и е поддржан од Агенцијата за филм на РМ.