Во подготовка е новата кратка кореографија „Скеч“ на младата кореографка Адријана Данчевска, која е дел од уметничкиот тим на „Скопје танцовиот театар“ и која во моментов работи по покана од универзитетот „Кодартс“, ротердамска академија за танц. Во „Скеч“ настапуваат танчарите Наоми Калвазара, Флавио Кјусисана, Исаја Вилсон, Елведин Силеџич и Елена Нилсен. Оригиналната музика за кореографијата е на Александар Гроздановски, костимите се на Асалија Каџе, во продукција на „Кодартс“. Кореографијата ќе биде дел од изведувачката програма што компанијата при академијата ја изведува низ Холандија и Европа.
– Многу сум среќна што имам ваква шанса да работам во Холандија, на високопрофесионално ниво. Ова е извонредна можност за нова креација, имам одлична соработка со танчарите и со нетрпение ја очекуваме премиерата. Драго ми е што сум дел од „Скопје танцовиот театар“, компанија што ги поддржува младите, и што ние што сме дел од неа имаме можност да танцуваме на најдобрите светски сцени, а наедно и да се развиваме како кореографи во земјава и надвор од неа – изјави Данчевска.
Адријана Данчевска е дел од новиот бран млади кореографи на „Скопје танцовиот театар“, првата официјална компанија за современ танц во Македонија. Работи како танчарка и кореографка во „Скопје танцовиот театар“, под уметничко водство на Рисима Рисимкин, и е стручна соработничка на Катедрата за современ танц при универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Во моментов ги завршува магистерските студии на универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА, Скопје – Париз – Њујорк, каде што и дипломирала во 2014 година на „Скопје танцовата академија“. Како танчарка, Данчевска настапува во редовниот репертоар на „Скопје танцовиот театар“ во земјава и надвор од неа.