„Барокни игри“ е насловот на целовечерниот концерт кој синоќа се одржа во Домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци на флејтистиките Силвана Чулева Атанасова и Билјана Камчева. За овој прекрасен музички проект двете уметници одбрале композиции од Бах и Нендл за флејта со што ја потврдија прекрасната соработка на првиот професор по флејта и неговиот ученик кој денес е е успешен уметник во Националната опера и балет, и прва флејта на Дувачкиот оркестар на град Скопје.
Силвана Чулева Атанасова повеќе од три децении е успешен музички педагог на отсекот флејта во ОМБУ „Лазо Мицев Рале“ во Кавадарци, која 2007 година беше одликувана со златна плакета од Здружението на музички и балетски педагози на Р. Македонија за долгогодишна и успешна работа. Напоредно со педагошката работа таа успешно концертира во Македонија и во државите од соседството а од 2015 година свири во триото „Ад либитум“ со кое реализира настапи и на меѓународно ниво како и прво ЦД.
Нејзината посветеност на професијата музички педагог се потврдата со постојаното посетување на мастер класи кај истакнати педагози и врвни флејтисти и тоа во: Србија,
Германија, Бугарија, Унгарија и Словенија.
Билјана Камчева своето музичко образование го започнува во Кавадарци во класата на професорката Силвана Чулева Атанасова. Дипломира на факултетот за музичка уметност во класата на професорот Страшо Темков, потоа ги завршува студиите по соло пеење во класата на професорката М.М. Наумовска. Билјана Камчева беше избрана за студент на генерацијата на УКИМ и е добитник е на многу државни и меќународни награди и признанија. Била дел од семинари и мастер часови на еминентни светски музички имиња по што следи солистички рецитал во Рим во театарот Марчело, настапот на светскиот ден на руската романса како претставник од Македонија, во Кремељскиот дворец во Москва заедно со рускиот тенор Алексеј Кудрја и многу други.Минатата година ја доби високата прва награда на меѓународниот натпревар во Москва во категоријата соло пеење. Моменто е вработена во Националната опера и балет. Ми.М.