Македонската филхармонија, во соработка со кино „Милениум“ и Град Скопје на 6-ти и 7 јуни под отворено небо во Градскиот парк ќе организира настани по повод завршувањето на официјалната концертна сезона.
На 7 јуни од 21 часот на концертот насловен „Филхармонија на отворено“, под диригентство и во аранжмани на Џијан Емин, ќе настапи нигериската музичка ѕвезда Феми Кути. Дел од неговата музика, првпат во светот, ќе биде изведена односно аранжирана за симфониски оркестар. Во Скопје тој ќе дојде со неговиот бенд „Позитив форс“, со кој гостуваше и на Скопскиот џез-фестивал во 2004 година.
Еден ден пред концертот на Феми Кути, на 6 јуни во Градскиот парк во 21 часот ќе биде организирано „Кино на отворено“, на кој ќе биде прикажан „Исцелител“ – наградуваниот филм на Ѓорче Ставрески.