Во рамките на фестивалот „Охридско лето“ вечерва ќе настапи дуото „СолиПс“. Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.
Ова дуо формирано во 2011 година го сочинуваат македонско-француската флејтистка Елена Стојческа и францускиот гитарист Роман Петио. Тие настапуваат на сцени и на фестивали во Франција, Белгија, Чешка, Италија, Русија и Босна и Херцеговина. Од нивните настапи се издвојуваат : „Маскфест“ во Сан Марино, „Форфест“ во Кромериц, Интернационалните фестивал „Сараевска зима“, настапот во Музејот на Скрјабин во Москва, настапот на Неделата на класична музика во Лавоар, во Музејот за уметности во Брисел…
Флејтиската Елена Стојческа е добитничка на прва награда на Меѓународниот натпревар „АудиМоцарт“ во Роверето, Италија како и на бројни награди од државните натпревари за флејта и камерна музика во Македонија, како и на натправарите „Буфет-Крампон“ и „Гастон Крунел“ во Франција.
Настапувала како солист со Македонската филхармонија, оркестарот „Хајдн“ од Болцано и Тренто, оркестарот „Пол Кунц“, Симфонискиот оркестар „Бакау“ како и со оркестарот „ Француски флејти“. Како рецитален уметник и камерен музичар настапувала во Франција, Италија, В. Британија, Турција, Луксембург, Холандија, Р.С. Македонија на бројни фестивали. Членка е на ансамблот флејти „Бонсаи“ и на престижниот оркестар „ Француски флејти“.
Стојческа е добитничка на повеќе стипендии од „Отворено општество“- Македонија, фондацијата „Албер Русел“, како и од владите на С. Македонија и Франција. Студирала во С. Македонија, Франција и Италија кај реномирани професори како: Пјер-Ив Арто, Петер Лукаш Граф, Винсент Лукас, Аурел Николет, Ирена Графенауер и Бети Станковска. Професор е на Конзерваториумот Ливри-Гарган, како и на Парискиот централен конзерваториум- ЦМА „В.А. Моцарт“.
Францускиот гитарист Роман Петио е победник на повеќе натпревари како „Гитарманија“ во Алмада, Португалија и „Гитар Фест“ во Белград, а финалист бил и на натпреварот „Роберт Видал“ во Франција. Како рецитален и камерен музичар настапувал на повеќе значајни фестивали во: Франција, Италија, Чешка, Португалија, Русија, Босна и Херцеговина и Шпанија.
Премиерно изведува и снима дела за соло гитара од композиторите Лоренс Шер, Венсан Еро и Масимилијано Месиери. Дипломирал со највисоки оцени во школата за музика „Алфред Корто“ и се стекнува со магистерска од областа на педагогијата од Парискиот Конзерваториум. Студирал со Алберто Понсе и Јудикаел Перој, а се усовршувал на мајсторски курсеви кај Дејвид Расел, Зоран Дукиќ, Лоренцо Микели, Павел Стајдл и Карло Маркионе… Роман е роден во 1987 година, живее и работи во Париз каде предава на Регионалниот конзерваториумот во Л’ај ле Роз.