Концерт со наслов „Музика и цртан филм“, наменет за најмладата публика, ќе се одржи утре, со почеток во 11 часот, во центарот за култура „Кочо Рацин“ во Кичево. Музиката ќе ја интерпретира гудачкиот квартет на виолинистката Пламенка Трајковска. Заедно со неа ќе настапат и Наташа Диденко на виолина, Илза Балата на виола и Маја Михајловска на виолончело.
– Во цртаните филмови многу често се употребува класичната музика и овој концерт е конципиран како проекција на анимирани филмови и изведба на класична музика со гудачки квартет во живо. Се користат современа музичка технологија, мултимедијални и анимациски елементи, за децата да ја почувствуваат класичната музика како блиска и како своја – вели Пламенка Трајковска.
Изминатите години таа, заедно со своите колешки, интензивно работи на доближувањето на класичната музика до најмладата публика. Досега реализирала голем број концерти во училиштата во Скопје и во повеќе домови на културата низ земјата. Минатата година одржа и концерт насловен „Што е тоа гудачки квартет“ во камерната сала на Македонската филхармонија.
Концертот во Кичево е поддржан од Министерството за култура како проект од национален интерес.
М.Т.