По повод 18 Април, Меѓународниот ден на спомениците и локалитетите, националниот комитет ИКОМОС-Македонија, кој е еден од 107-те такви комитети на глобално ниво на ИКОМОС, организира посебна активност во вид на кратка интерактивна анкета со следбениците на своите профили на социјалните мрежи Фејсбук, Линкедин, Твитер и Инстаграм, за да отвори дискусија и размена на мислења и ставови за темата „Комплексно минато: разновидна иднина“. Оттаму ги поканија за учество сите свои следбеници и целата јавност што би сакала да им се придружи во оваа нивна активност, изразувајќи надеж за плодна, конструктивна и разновидна дискусија. Анкетата се одвиваше на 15 и 16 април, а резултатите треба да бидат споделени со јавноста токму на 18 април.
Меѓународниот совет на споменици и локалитети (ИКОМОС) во целиот свет го одбележува Меѓународниот ден на спомениците и локалитетите, востановен во 1982 година. Секоја година овој ден е посветен на посебна тема поврзана со културното наследство, а годинава тоа е токму темата „Комплексно минато: разновидна иднина“, во чие средиште е отворање дискусија и критичко испитување на минатото преку зачувувањето на културното наследство, поттикнувајќи негово согледување и презентирање од различни гледишта и непристрасност при неговото толкување.
– ИКОМОС има намера да промовира нови дискурси, различни и нијансирани пристапи кон постојните историски наративи, поддржувајќи инклузивност. Тоа се пред сè осврти кон споменици и/или локалитети што биле намерно разурнувани, кон споменици на опресија и угнетување, како и кон третманот на домородните населенија и нивното наследство, нагласувајќи ја повеќеслојноста на историјата и наследството и нивното различно значење за различни заедници – посочија од националниот комитет ИКОМОС-Македонија.