Младиот руски пијанист во црквата „Света Софија“ настапи сам, а одржа и сонатна вечер со виолинистката Алена Баева
Рускиот пијанист Вадим Колоденко, кој има репутација на еден од музички најдраматичните и технички најнадарените изведувачи на новата генерација пијанисти, одржа концерт во црквата „Света Софија“ на 21 јули, во рамките на фестивалот „Охридско лето“.
– Неповторливиот и уникатен Колоденко воспостави флуид со публиката уште на почетокот од концертот, а присутните беа восхитени од неговата исклучителна уметничка надареност – посочија од фестивалот, а пијанистот по завршувањето на концертот нагласи дека е многу среќен што почувствувал таква поврзаност.
– Беше вистинско уживање да се свири пред ваква публика и во еден ваков објект како што е црквата „Света Софија“. Отсвирив сонати од Шопен и две ноктурна, а вториот дел од мојот солистички концерт беше посветен на сонатите од Прокофјев.
Токму оваа програма ја свирам сезонава – вели младиот пијанист.
Љубителите на класичната музика, освен што уживаа во концертот, беа импресионирани и од неговиот настап ден претходно, кога заедно со неговата колешка, виолинистката Алена Баева приредија незаборавно доживување со сонатна вечер, одржана во истата црква.
Вадим Колоденко својата кариера ја гради во Европа, Азија и во Северна Америка. Добитник е на златниот медал на интернационалниот пијано натпревар „Ван Клибурн“ во 2013 година. Досега соработувал со голем број врвни диригенти, оркестри и изведувачи, меѓу кои се и Вадим Репин, Алена Баева и Александар Бузлов. Неговата музика е издадена на повеќе компактни дискови.