Истакнатиот македонски актер и режисер Коле Ангеловски е годинашен добитник на единствената награда на меѓународниот театарски фестивал „Свети Јоаким Осоговски“, кој по единаесетти пат ќе се одржи од 1 до 8 октомври во Крива Паланка.
Коле Ангеловски е македонски театарски и филмски актер, театарски и филмски режисер и сценарист, како и писател и раскажувач. Животниот и творечки опус на Ангеловски е разновиден, динамичен и многу плоден. Тој е режисер на повеќе драми, серии, документарци и филмови за македонските театарски куќи, телевизиски станици, од кои најмногу за МРТВ. Познат е и како писател, драматург, публицист и културен работник. За својот сестран творечки опус на полето на културното живеење во Македонија, добитник е на многубројни награди, меѓу кои и наградата за животно дело „11 Октомври“.
Наградата ќе му биде врачена со свечена пригода на 1 октомври, со почеток од 12 часот, во салата на советот на општината Крива Паланка.