Во историјата на театарот (која е стара исто колку и самoтo човечкo битие), почнувајќи од околностите и првата задача што Бог му ја доделил на Адам кога му наредил да биде првиот „актер“ што ќе „игра“ во големиот театар, кој народите подоцна го нарекоа – Земја, театарот постојано играл многу важна улога во бескрајното играње театар од ликот „човек“ на сцената наречена живот. Следствено, во животниот процес, театарот незапирливо ги загрозувал лагите, тајните, предавствата, незнаењето, медиокритетот, антикултурата, а застанал во одбрана на граѓанската цивилизација и вистината. Ја разоткрил: литературата, историјата, го поттикнал развојот на фантазијата кај поединецот, мислата, која со текот на годините, кога стана опиплива, се нарече едноставно – имагинација.
Со текот на времето, самиот театар претставувал огледало на зраците на болката или радоста што се појавиле кај човекот како актер на Земјата. За сето ова време, театарот ги живеел, доживувал и издржал бескрајно задачите и околностите што го загрозувале него.
Во продолжениe ќе се потрудам да дадам едно мое скромно видување.
– Театарот постојано бил загрозен од надворешните сили, впрочем бил загрозен и од недостојните, кои ја презеле власта врз него. Тој отсекогаш бил во постојана опасност и напад од страна на посилните: царевите, кралевите, претседателите, премиерите и другите моќни луѓе наредени според хиерархијата. На истите тие, гледајќи го театарот како медиум во кој можат да им дадат живот на директивите на пропагандата, театарот постојано им бил една од главните цели на насоките на пропагандата. Како што знаеме од самата историја, театарот и неговата моќ направија тие стрели да им се вратат назад на истите нив преку перото на татковците на театарот, стрели што ние денес ги сфаќаме многу добро кога ги гледаме на сцена делата што моќните ги нарачале како директиви на пропагандата во нивна корист.
Но, всушност, произлегоа воспеви за луѓето да станат свесни за црнилата и неправдите што им се прават.
– Театарот бил загрозен од страна на тајните служби уште од создавањето на државите, како што нè научиле животот и минатото. Религиозните, како и уметничките институции, за нив биле цветна градина, каде што тие најпрвин ги саделе своите трнливи цвеќиња. Но без оглед на тоа колку биле агресивни (трнливи), тие цвеќиња не успеале да ги откорнат вистинските цвеќиња.
– Театарот бил загрозен од потпросечниот уметник со диплома, „сезнајкото“ што на часот по „актерска игра“ „знаеше сè“ и немаше потреба да учи; на часот по „сценски движења“ ја движеше и поместуваше кулисата; на часот по „сценски говор“ дијалектoт му беше правилниот израз или пак јазик; додека на часот по „режија“ фантазираше наместо да мечтае. За волја на вистината, овој вид опасност се појави како потенцијал на преодните системи на уметничките училишта, кои во повеќето случаи се исто толку добри или не толку добри како и другите училишта во тие места. Како и да е, бојното поле на театарот го остави соголен потпросечниот со диплома, оставајќи му простор само за самозадоволување до точка на делириум.
– Постојано бил загрозен од „Големиот Уметник“ (диви-дивани, кој е машки род на дива), лицето што откако поминало некои ридови на сцената на театарот, се чувствува себеси како духовен водaч. Тој континуирано се наметнува да биде прв, додека сите други за него се „вечно млади“ – и треба да бидат во негова услуга. Диви-Дивани-Дива продолжува да биде пред сè во сè, дури и во исмејувањето што му се прави од страна на тие што се „вечно млади“.
– Најголемиот потенцијален ризик за театарот, во однос на муницијата, доаѓа од страна на социјалните мрежи, кои, откако се докажа дека телевизијата не го совлада театарот, го нападнаа монструозно. Но се случи спротивното или продолжува да се случува, а тоа е расцутот на вистината. Интернетот започна да расчистува прашина или слана наречена „кич“ или „шунд“ и некаков „турбофолк“, кои незабележливо беа навлезени во театарот. Со експлозијата на „кичот“ и „шундот“ на интернет, во театарот не можете да си дозволите да бидете плитки, површини.
Индивидуалниот уметник не може да успее ако му го „подготви“ и понуди на публиката во сала плиткото и површното, кое поединецот во сала истото тоа може да го најде со врвот на прстот во рок од една секунда. Театарот, покрај фактот што интернетот го користи за да ѝ пренесе на јавноста (публиката) информации за настаните што се случуваат во рамките на театарот, исто така, се обидува да ги користи „А-социјалните“ мрежи како најгрдото огледало во однос на длабоката духовна реалност што има должност да ја понуди пред публиката, што доаѓа и седнува спроти за да го види, слушне, ужива и чувствува тоа што не го гледа, слуша, ужива и чествува на ниедно друго место освен на сцена.
– Помина кратко или долго време како живееме во една вирусна реалност – допри – не допирај! Самиот театар се чувствува привремено загрозено.
За да се развие една театарска претстава, се започнува со една сцена и едно или повеќе столчиња спроти сцената. Најмалку од тоа што е потребно е: една личност (еден субјект) на сцена што се нарекува актер и една личност (еден субјект) на столчињата наспроти што се нарекува публика. Сè друго во театарот е репродукција како помош на генезата, а тоа е токму настанот што започнува и може да се случи само со двете споменати личности (субјекти). Пандемијата се покажа колку e моќна, што успеа на театарот да му го направи тоа што речиси ниедна војна досега не успеала (со оглед на тоа дека претстави се играле како во време на военa состојба така и во текот на војните), успеа да ги раздвои двете личности (субјекти), кои се потенцијалот што му даваат живот на сценскиот настан, односно театарот.
Се вознемирувам кога се прашувам себеси дали оваа присилна одвоеност ќе го продлабочи просторот помеѓу гореспоменатите личности (субјекти)? Се обидувам да се вратам назад низ времето, поттикнат од тоа што го гледам и следам од мудрите. Се враќам во периодот на античкото време, потоа доаѓам во средниот век!
Во периодот на античкото време, цивилизацијата беше опфатена од еден вид генетско заболување, кое настана како резултат на присилното зачнување на многу девојки од ист маж, односно најмоќниот воин, сѐ со цел да се дојде до „производство“ на моќни деца. Велам производство, бидејќи со овој начин само се произведува а не се раѓа! Потоа доаѓам некаде во 13-14 век, во времето кога народот заболе од болеста црна чума, или како што ја нарекуваа дел од луѓето болест на глувци (верувам од самиот факт дека сите тешки заболувања со во суштина неплодни мутации, најефикасно се шират од страна на семејството глодачи). Ако масакрот што го изврши црната чума кај народот се спореди со коронавирусот, ова второто изгледа како една вејка на ветерот што благо повредува. Со згаснувањето на моќта на грозоморната црна чума, на која ѝ требаше цел еден век за да ја изгуби својата моќ, почна едно од најзначајните културни движења и епохи во историјата на човештвото – хуманизмот и ренесансата. Започна токму во тие европски земји каде што преку стаорците во воените бродови, најпрвин беше пристигнала чумата, односно во Италија, за да продолжи потоа во Франција, Англија, па дури и во земјите од Истокот, но во различна нијанса.
Поточно, истото што се случило во времето на антиката, по спасувањето од „генетската“ болест, која речиси ја довела таа цивилизација до асимилација, според познатиот француски критичар и историчар Хиполит Таин, како постнапредок или постпроцветување на тоа истребување биле литературата и драматургијата на антиката. Значи, со раѓањето на хуманизмот и ренесансата, филозофската моќ на Аристотел, театарската моќ на Есхил, Софокле, Еврипид, во никој случај не беше застарена – напротив! Исто како што истиот дух подоцна во Англија ја зачна истата филозофија и се роди големиот Шекспир. На овој начин започна расцутот на театарот во Европа, дури и во Далечниот Исток, каде што почнаа да се репродуцираат „химни“ со мотиви од антички персиски поети. Тоа беше периодот кога верските свештеници имаа еден вид благо омекнување иако привремено, со што религијата го прифати театарот како област што има иста цел како неа, да ја направи цивилизацијата свесна за вистината, следствено им прифати линија на светост.
За да не стане ова бесконечно долго, затоа што впрочем веќе и стана бесконечно долго… Јас силно верувам дека оваа привремена опасност повторно ќе ги врати уште посилни театарот и публиката кон нивната духовна љубов. Публиката и актерот повторно ќе се вратат за да го продолжат бесконечно чинот на љубовта со уште поголема страст, на олтарот наречен – театар!
Чендрим Ријани, театарски режисер