Издавачката куќа „Темплум“ организира книжевен настан за деца (и возрасни) со наслов „Фини деца со сликовници“, што ќе се одржи денеска, во 18.30 часот, во МКЦ во Скопје. Ќе бидат промовирани три нови книги за деца и ќе се одржат креативни работилници со рециклирани материјали, детска музичка програма и мал саем на книги. В сабота програмата ќе се одржи и во Градскиот парк во Струмица.
Настанот ќе започне со промоција на сликовницата „Споменик од песни“ – избор песни од Видое Подгорец, еден од најважните македонски автори за деца, извонредно илустрирани од Ване Костуранов. Ова е наедно и првата книга во новата едиција сликовници на „Темплум“, „Старо купувам“, која има цел да ги спои старите и новите автори, класичните вредности со актуелните. Ќе продолжи со промоција на книгата поезија „Девет преобразби во чудната шума“ од Пандалф Вулкански, придружени со илустрации од култниот јапонски илустратор за деца Такео Такеи.
Разговорите со Вулкански и со Костуранов ќе ги води Исток Улчар. Во 20 часот ќе се одржи промоција на сликовницата „Морис и фустанот со боја на мандарина“ од канадските авторки Кристин Балдачино и Изабел Маланфан. Премиерно ќе биде прикажана кратка анимирана видеосликовница според книгата, во обработка на Кети Талевска, со музиката на Алембик. За книжевните и развојните аспекти на сликовницата ќе разговараат Марија Бошковска, Ана Блажева и Фросина Крушкаровска.
Креативните работилници со рециклирани материјали со Доротеј Нешовски и со Ненад Тонкин ќе започнат од 18.30 часот и ќе бидат наменети за деца од сите возрасти. Децата ќе изработуваат куќички за птици и колажи од рециклирани материјали и ќе цртаат. Во духот на рециклирањето („Старо купувам“) ќе имаат можност да ги донесат своите стари играчки и да ги разменат или донираат во хумани цели.