Речиси 4 милиони книги беа продадени во Велика Британија во првите шест дена, откако повторно се отворија книжарниците поради пандемијата, пишува „Гардијан“. Според официјалниот монитор за продажба на Велика Британија, „Нилсен БукСкен“, кој немаше пријавено цифри за продажба од 21 март поради непланираното привремено затворање на книжарниците, 3,8 милиони печатени книги биле продадени само во текот на една недела до 20 јуни, за вредност од 33 милиони фунти. Ова е пораст од 31 отсто и во обем и во вредност во однос на истата недела минатата година. Ова претставува најголем успех од 2003 година па наваму, кога книгата „Хари Потер и орденот на фениксот“ беше пуштена во продажба.
– Да, се вративме во акција и нашите прекрасни клиенти се вратија назад. Веројатно се наоѓаме на нашето вообичаено ниво во однос на продажбата, но со намалено работно време, а и сè уште им доставуваме на многу локални клиенти, кои се штитат или не сакаат да излезат надвор. Прекрасно е да ги видиме сите наши клиенти затоа што навистина ни недостигаа, но исто така имавме шанса да запознаеме многу нови клиенти, кои првпат контактираа со нас за време на карантинот и повторно се враќаат кај нас сега кога продавницата е отворена – вели Џејмс Ешмор од независната книжарница „Рид“, во Холмфирт, Западен Јоркшир.
Ешмор признава дека тој и неговата сопруга Луиз биле нервозни за отворањето по толку долг период, но и клиентите се соочуваат со анксиозност исто така. Сепак, сега состојбата е многу порелаксирана. Продавачите на книги воведоа низа безбедносни мерки за клиентите, од средства за дезинфекција до пластични екрани. Во „Ватерстоунс“ во Сванси, персоналот дизајнира нов изглед на полиците за книги, поставувајќи ги со задната страница напред, така што клиентите би можеле да прочитаат за што станува збор во книгата без да имаат потреба да ја допираат.
Кејт Скипер од „Ватерстоунс“ забележува дека многу клиенти со задоволство се вратиле во книжарницата.
– Здравствените и безбедносните мерки функционираат добро без да се одземе радоста од посетата на книжарницата. Книгите што ги купуваат клиентите сега се поразлични од оние што ги купуваа преку интернет. Имаше огромен апетит за препораки од нашите продавачи, заедно со бестселерите, што е многу охрабрувачко – вели Скипер.
Романот на Еваристо, кој ја освои наградата „Букер“, се најде на врвот на топ-листите со продажба на 18.893 примероци – најголема продажба на фантастика од оваа година до денес.