Во дворот на основното училиште „Васил Главинов“ во Велес, вчеравечер, во рамките на манифестацијата „Велешкото културно лето 2020“ се одржа промоција на поетската книга „Во градината има само љубов“ на младиот македонски поет Филип Димкоски.
Преку уметнички перформанс, беше промовирана оваа поетска збирка создавана четири години, која содржи песни поделени во неколку циклуси со заеднички мотив, љубов во повеќе облици, но сврзан со оној основниот и неопходниот, љубов кон создателката – природата.
Пред присутните љубители на пишаниот збор, книгата ја претстави поетесата Лила Арсова.
– Од 4 март досега бев вон сцена и не очекував дека оваа потска вечер ќе биде толку убава. Прекрасна организација и доволен број публика, а најважно од се убава дружба, топлина и многу позитивни коментари за мојата поезија и за интерпретацијата. Во септември би требало да имам промоција на книгата и во Кочани и се надевам во родниот Прилеп – вели Филип Димкоски.
Инаку книгата „Во градината има само љубов“ беше претставена и во целиот регион и наиде на одличен прием кај љубителите на пишаниот зибор, а веќе е преведена и на неколку јазици.
Поради актуелната состојба со пандемијата на ковид-19 вчерашниот натсан, како и сите останати кои се дел од „Велешкото културно лето“, се одржа согласно пропишаните протоколи и мерки за заштита и превенција од ширење на коронавирусот. М.Т.