Изложбата „Климт/Шиле: цртежи“, отворена во Кралската академија во Лондон со предупредување дека не е за малолетни лица, покажува како учителот (Густав Климт) и неговиот штитеник (Егон Шиле) предизвикувале скандали во Виена во почетокот на 20 век, судирајќи ги сексот и смртта.
Годината 1918 година била трусна во Виена, додека Австроунгарското Царство се уривало, на интензивниот период на креативна виталност му дошол крајот со смртта на двајцата најзначајни уметници. Едниот бил исклучителен, впечатливо модерен сликар од Виена на крајот на 19 век – Густав Климт, а другиот – младиот, скандалозен и блудно талентиран Егон Шиле. Двајцата уживале во непосредноста на цртежот, идеален медиум за истражување на новите идеи на модерноста, субјективноста и еротиката.
Изложбата позајмена од колекцијата на виенската „Албертина“, е единствена можност на едно место да се видат стотина цртежи на двајцата уметници, кои спаѓаат меѓу најважните дела на хартија на 20 век. Меѓу нив се Климтовите скици за монументалниот „Бетовенов фриз“ (направен за Зградата на виенската сесија, 2 метра висок и 34 метри долг) и бесрамните автопортрети на Шиле, кои поради својата деликатност, многу години подоцна нема повторно да ја видат светлината на денот. Тоа се портрети, алегории, пејзажи и еротски актови – она најсировото и најскриеното што во себе го носеле двете икони на раниот модернизам.
Некои дела се толку слични што секој што не е професионален познавач на опусот на двајцата Австријци лесно може да се збуни. Каков учител, таков и ученик. Климт, роден во 1862 година и неговиот ученик Шиле, роден во 1890 година, биле гении што се инспирирале и се поддржувале меѓусебно и чија фантазија имала многу повеќе заедничко отколку што во почетокот се сметало.
– Виена е град во кој сексот е нова религија. Потиснувањето на желбата е проклетството на буржоаскиот живот – заклучил виенскиот доктор Сигмунд Фројд додека ги слушал намачените пациенти што му ги откривале симптомите на сексуалното воздржување.
Со објавувањето на неговата книга „Толкување на соништата“ во 1900 г. тој ја вовел сексуалноста во секојдневните разговори.
– Но не бил само Фројд оној што го проповедал триумфот на либидото. Артур Шницлер пишувал сексуална трагикомедија, дури и музиката на Густав Малер била натопена со буен еротизам. Но и во таква, екстатично непотисната култура, Климт и Шиле успеале да предизвикаат скандал – пишува ликовниот критичар на британски „Гардијан“ во својот осврт на изложбата.
Меѓу експонатите се цртежи што раскажуваат приказни за цензура и мачеништво. Климтовата скица „Медицина“ е пародија на сексот и на смртта, а направена е по нарачка за таванот на Виенскиот универзитет. Отфрлена е како порнографска, а целосно е уништена во 1945 година кога есесовците ја запалиле зградата за време на повлекувањето.
Шиле страдал на уште потрагичен начин. Првобитно обвинет за киднапирање и заведување малолетничка, во 1912 е однесен во притвор. Кога случајот стигнал на суд уште полоша казна од неговите дела претрпела неговата уметност. Отфрлени се тужбите за киднапирање и заведување, но е осуден за изложување на еротските цртежи на места достапни до деца. Во затвор поминал 24 дена и нацртал 12 дела. Одеднаш виенскиот луксуз е заменет со спартански услови. Го цртал опкружувањето, а на еден цртеж напишал: „Не се чувствувам казнет туку прочистен“.
Починале во иста година, 1918, кога била и последната година во историјата на покореното Австроунгарско Царство.
– Сепак, овие цртежи горат од страст за животот, за суштествувањето. Молив, водени бои, јаглен и гваш на хартија – има ли нешто посексапилно од тоа? Нема, доказ за тоа се овие уметници – заклучува критичарот на „Гардијан“.
Изложбата во Кралската академија ќе биде отворена до 3 февруари 2019 година.