Режисерот Трајче Ѓорѓиев во претставата „Скопје 63“ успева на мошне суптилен начин преку играта на Јанакиевски, користејќи и музика, филмски материјали и фотографии, да ја долови атмосферата на предземјотресно Скопје, во трагичниот ден, но и во деновите по него, тематски период што сѐ поретко наоѓа место во современото уметничко творештво
На одржаниот 12-ти интернационален фестивал на пантомима и физички театар „Панфиз 2019“, „Страница театар“ се претстави со претставата „Скопје 63“, получасовна пантомимска игра посветена на катастрофалниот земјотрес во Скопје на 26 јули 1963 година, работена по сценарио и режија на Трајче Ѓорѓиев, а во изведба на младиот пантомимичар, Мето Јанакиевски. Претставата беше одиграна на малата сцена на Македонскиот народен театар и предизвика внимание кај публиката не само со темата, судбоносниот настан за градот и неговите жители, туку и со играта на пантомимичарот. Таа беше успешен предизвик и за Ѓорѓиев и за Јанакиевски, а наскоро ќе има можност да ја види и дел од српската публика.
– Ми беше интересно од една страна да пробам да ја преточам таа трагедија низ играта на телото, а притоа од друга страна, да се обидам со тој јазик, да раскажам една топла приказна преку ликот на младичот што доаѓа во Скопје во тој период и го започнува своето патешествие: стан под кирија, прво работно место, прва љубов, голем град… Иако сум роден во Кочани, сепак во Скопје сум веќе 32 години и секако дека се чувствувам како дел од овој град, па тоа беше на еден начин мое оддолжување кон сѐ што ми овозможил тој. Го сакам Скопје од крајот на осумдесеттите и почетокот на деведесеттите години на минатиот век. Беше помирно и мислам поубаво – вели режисерот Трајче Ѓорѓиев.
Тој во претставата успева на мошне суптилен начин преку играта на Јанакиевски, користејќи и музика, филмски материјали и фотографии, да ја долови атмосферата на предземјотресно Скопје, во трагичниот ден, но и во деновите по него, тематски период што сѐ поретко наоѓа место во современото уметничко творештво. Задоволен е од соработката со Мето Јанакиевски, а посочи дека при истражувањето користел материјали достапни на интернет, истакнувајќи дека тешкотија му претставувало селектирањето, бидејќи за овој период од историјата на градот постојат голем број слики и видеа.
– Да се илустрира получасовен сценски настап, секако, беше особено тешко, но, пак, од друга страна, открив многу работи за тој настан што не сум ги знаел порано. Мето е умно дете. Соработуваме 5-6 години, но сега првпат во вакво издание. Секако дека сум задоволен од него, но тој има уште да учи. Прифаќа сугестии и забелешки што е многу важно. Се надевам дека животот на претставата ќе продолжи, па така по премиерата во Скопје, ни следува настап во Врање во Србија на интернационалниот фестивал „Фантомфест“, кон крајот на септември, а за понатаму ќе видиме – најавува Ѓорѓиев.
Говорејќи, пак, за ликот што го толкува во оваа пантомимска претстава, Мето Јанакиевски нагласи дека со режисерот сакале да направат карактеристичен лик за 1960-тите години, кој го носи дејството.
– За тој период дознавав од документарни филмови и разговори со постари лица. Исто така музиката што ја употребивме беше од тој период и се надевам дека многу добро сценски го доловив амбиентот – вели младиот пантомимичар за кого пантомимата претставува „скратен пат да се раскаже една приказна, секој, од секоја националност да ја сфати, а притоа да се поттикне имагинацијата преку асоцијации“.
Нему прв ментор му бил пантомимичарот и театарски режисер Војо Цветановски од кого на работилници во 2011 и 2012 година во Универзалната сала ги научил основите на етидите и пантомимата воопшто. Трајче Ѓорѓиев при процесот на подготовка на претставата „Скопје 63“, пак му помогнал да ги воочи и поправи маните при сценските движења, односот со публиката и со замислените ликови во претставата.
Мето Јанакиевски учествуваше и на годинашниот интернационален фестивал за баскери и живи статуи „Статуафест и баскеркарван“ во Скопје, каде што, како што потсети и самиот, беше практично алката помеѓу живите статуи и уличните артисти. А граѓаните можат да го сретнат и видат, освен на фестивали поврзани со пантомима или физички театар, и на музички спотови и на различни маркетиншки настани: свечени отворања, промоции, детски фестивали и родендени.