Британски новинар напиша книга за заблудите на човештвото
Некој за некоја деценија ќе пишува за тоа како за време на пандемијата на коронавирусот најмоќните луѓе на планетата верувале дека детергентот може да биде лек против вирусот. Веројатно читателите ќе се смеат во неверување, како што и ние се смееме на голем број заблуди на нашите претци. Историјата на човечкиот род би можела да се претстави како „каталог на човечката глупост“. Токму тоа го направи британскиот новинар и хуморист Том Филипс.
– Приказната за човечкиот напредок почнува со нашата способност за размислување и создавање. Тоа е она што ги одвојува луѓето од другите битија, но и она што ги наведува редовно да прават будали од себе – вели Филипс во книгата „Човечки род“.
Ова е духовита и исчашена историја на цивилизацијата, во која авторот објаснува како човекот успеал да упропасти сѐ што можел, наведувајќи примери за некои од најголемите и најневеројатни заблуди во кои човештвото поверувало.
– Оваа книга зборува токму за она на што сме сведоци и денес, во момент кога на планетата се појави вирус со кој не умееме да се избориме, а првото вештачко летало го напушти Сончевиот Систем и се упати кон ѕвездите. Ако сме толку технолошки напредни, како тоа сега сите седиме дома со сапунот во раце и чекаме да помине заразата? Оваа книга покажува дека човечкиот род никогаш не реагира сосема рационално. Иако ни се чини дека сме многу паметни, склони сме кон тоа да ја зафркнеме работата – оценува уредникот на српското издание на книгата Срѓан Крстиќ.
Авторот на книгата „Човечки род“ со голема доза на хумор, па и цинизам, наведува примери на големи историски пропусти, од Луси, нашата прамајка, која според истражувачите погинала така што паднала од дрво, преку погрешните одлуки на моќни историски личности, Наполеон, Хитлер или Мао Ѕедунг, кои довеле до масовни страдања, сѐ до необичните научни откритија.
Меѓу примерите се и помалку познати историски настани, како приказната за еден австриски воен одред што поради пијанство се нападнал самиот себе или легендата за кралот што паднал од мртов непријател така што го инфицирал со расипан заб од неговата отсечена глава.
Пандемијата само го откри она што веќе се знаеше – човекот е затворен и осамен, иако, како што вели Филипс, не е многу оригинално да се зборува за Хитлер, сепак, нацистичкиот лидер на почетокот изгледал сосема безопасно.
– Она најлошото што го направиле луѓето не е резултат на лоши гени, туку парада на идиоти и лудаци што се издигнале на врвот, а им помогнале премногу самоуверени луѓе што мислеле дека може да ги зауздаат – заклучува Филипс.
Книгата е актуелна пред сѐ затоа што отворено ни зборува за тоа кои сме и што сме, нѐ опоменува на тоа колку сме вообразени верувајќи дека сме паметни затоа што технолошки сме напредувале.