Нешто помеѓу колумна и расказ
Откако го објавив текстот за моето првично искуство со патувањево за Тајланд, искрено онака како што го доживеав (иако можеби ги разочарав моите пријатели на социјалните мрежи, кои веројатно чекаа слики од егзотични плажи онакви какви што гледаме по патописните репортажи, ветувам, ќе напишам и една таква), добив многу позитивни реакции, главно дека вистински се забавувале додека го читале. Нема да бидам лажно скромна и да кажам дека не ми годеше тоа, особено што многумина ми напишаа дека чекаат и продолжение.
Не ми беше намерата да правам карантински серијал, зашто од оваа страна, во оваа иста хотелска соба од неколку квадрати, и не е баш толку забавно колку што е од другата, ама се чувствувам должна кон моите посветени читатели, какви што денес нема многу, да напишам уште нешто. Претходниот текст, малку повеќе фактографски со доза споредбена анализа, беше наменет за рубриката „Наш став“. Овој го објавувам на културните страници, зашто, да не си ласкам, ми се чини помалку новинарски, а повеќе книжевен. А најмногу поради охрабрувањето од мојот најдобар пријател Сашо, писател, кој дури и за претходниот текст ми напиша: „Сјајно, се чита како одличен расказ“.
Значи вака, карантински ден, не е важно кој, важно го правам првиот ковид-тест (ќе има уште еден), иако веќе дојдов со негативен резултат. Претходно, дома, имав направено неколку; прво лани кога го испраќав син ми на аеродром во Белград од каде што леташе за Пукет, потоа за да си ја земам визата од Софија минатиот месец, еднаш кога измерив едвај 37 температура, веројатно од стрес, некоја недела пред патувањево, па панично истрчав да се тестирам (кај нас тогаш букна вирусот, а имав и блиски што се заразени) и оној задолжителниот пред да тргнам на пат. Не го сметав тестирањето за особено непријатно искуство.
Ќе те скокотнат малку во едната ноздра и готово. Особено ако ти е за патување, нашине, да не грешам, ама ми се чини дека веќе имаат готов негативен уште пред да ти земат брис.
Е, ова беше нешто сосема друго. Прво доаѓа еден од оние во скафандерине, тропа на врата и ништо не зборува. Ми покажува да тргнам пред него, ама малку чудно ме гледа, како нешто да не во ред. Ми прави чувство како сѐ околу мене да е контаминирано. Брзо ми текнува дека се појавив на врата без маска на лице, таман работа и во собава да треба да ја носам, се враќам и ставам една од купот што ми ги дадоа на рецепција, спакувани во пакетче заедно со разни средства за дезинфекција и термометар. Влегуваме во лифтот и се симнуваме долу, во подрумот, поточно на паркингот под нивото на хотелот, на отворено. Медицински тим ме чека, седнувам и без особена возбуда чекам да ми земат примерок. Како што реков, сум го правела тоа и претходно. Стапчето, како она за чистење уши, само многууу подолго, ти влегува во ноздрата, ама овој пат до синус. Задушување, мрсули, солзи… Неконтролирано ѝ ја фаќам раката на медицинската сестра и во истиот миг, сфаќам, тоа беше грешка! Ја повторува процедурата уште еднаш и тоа во истата веќе силно надразнета носна шуплина. Ме враќаат „расплакана“ во соба. Не можам да дојдам на себе. Ама брзо се смирувам, веројатно така треба, си мислам, кај нас може затоа има толку погрешни тестови. Во мојот случај, погрешен наод ќе беше катастрофален. Ако имав симптоми, а добиев негативен тест, кога ќе стигнев којзнае каде ќе ме стрпаа, а обратно, немаше ни да тргнам на ова долго планирано и посакувано патување. Ама тука нема грешки, не после оној примерок на слуз земен директно од синус. Што е сигурно, сигурно е. Тоа е тајландскиот принцип. Уште не ми го пратиле резултатот, ама штом сум уште во собава, веројатно сѐ е во ред.
Главно, деновите ги поминувам во пишување, сѐ уште сум редовно на работа, решив да не потрошам ни ден одмор додека сум во изолацијава, не би имало смисла. Единствено што понекогаш заборавам на временската разлика, па знам да им напишам нешто на колегите во ниедно време (им се извинувам за тоа), другото си тече како да сум дома. Всушност, првпат ја гледам предноста на „работата од дома“, тоа да можеш да бидеш кај сакаш на планетава, а да се смета дека си дома. Не бев поборник на оваа практика кога се воведе, главно поради отсуството на социјалниот момент, а и поради тоа што сосема се коси со мојот екстровертен карактер. Во женските магазини би ме окарактеризирале како „социјална пеперутка“. Е, замислете ја сега таа пеперутка заборавена меѓу четири ѕида, со прозорец што се отвора едвај една педа. Ќе „премолчам“ за што ја користам таа педа, ама ќе кажам дека во хотелов се забранети сите наркотични средства, дури и оние најлесните. Прикривањето на трагите е вистинска смеурија. На крајот, кога ќе ја плаќам сметката на рецепција ќе дознаам колку успешно сум го правела тоа. Носам и една „антика“ за подарок, засега успевам да одолеам на искушението да ја отворам. Најмногу зашто не сум баш голем љубител на ракија.
Инаку, мртва гладна сум. Карантинскава храна е спакувана во пластика, сѐ е за една употреба, веројатно има некои кетеринг-служби што го работат тоа. Избор од три различни јадења за појадок, ручек и вечера. Уживам во правењето на изборот, зашто е вистинска занимација, ама всушност само во тоа уживам. Од утрово имам неколку неотворени кутии. Ај што желудников сѐ уште не ми навикнал на азискава храна, па уште и застојана и мошне лошо приготвена. Иако Тајланѓаните се познати по една од најдобрите кујни, ова е посебен режим. Главно го јадам само оризот со јајце одозгора, ако е комплетно чист, без никаков дополнителен прелив. Се тешам, ај ќе симнам некое кило за на плажа. Ама тешко оди, не со килажата, туку со гладувачкава криза. Ја контролирам со енормно многу вода. Се обидов неколупати да нарачам нешто од хотелското мени. Ништо поразлично, ни по вкус, ни по количество. Барем да добиев пристојна чинија и прибор. Вкусот и мирисот на пластика ми ги дразнат непцата, ама не во позитивна смисла.
Вчера перев. На рака. Не се сеќавам кога претходно сум го правела тоа, сѐ ставам во машина, дури и по цена да извадам шпилхозни и бенкици (така се викаа?) Ми се јавува сестра ми и ме прашува, што правиш, ѝ кажувам дека перам, се смее, вика што ти стана? Преку еден ден наизменично ги перам двете маици што не ги соблеков откако сум дојдена. Нема поента да отворам куфери и убаво испегланата и мирислива облека, дел нови парчиња што толку внимателно и со радост ги пакував, да ги влечкам по креветиве. А имам и чувство дека правам некоја „домаќинска“ работа, не можев да претпоставам дека тоа некогаш би можело да ми фали. Сестра ми се шегува: „Ти требаше цел куфер со валкана облека да земеш, па таму, малку по малку, да си ја переш. Ќе ти пројдеше времето.“ Можеби не ѝ е лоша идејата, особено што азискиов прашок (во бањата има оставено едно ќесиче за заперување) прави чудо од белина.
Пробувам да не се самосожалувам премногу, знам дека тоа не е добро за менталната состојба, која тука лесно може да почне да пука по шевови, ама па си мислам, нормално е да не си океј цело време, дури и на одмор по 10-от ден станува монотоно. Вчера прочитав дека посетителите на Тајланд ќе можат да го поминат својот задолжителен двонеделен карантин на јахта! Околу сто јахти се очекува да учествуваат во програмата, најавена за април или мај. За миг заборавам на тоа колку би чинело таквото задоволство и си помислувам, а јас баш морав да тргнам во март!
П.С. И овој пат само една работа успеа да ме извади од такт, апаратчето за депилација што верно ме служеше десетина година, баш тука најде да ми се расипе. А си планирав еден ден да утепам во „разубавување“, па претходно намерно ја оставив незавршена оваа процедура. А и беше зима кога тргнав, ха-ха. Нареден пат, ако резервирам на јахтана, ќе се потсредам со време.