Актерката Мирјана Карановиќ во Сараево ги коментираше протестите во регионот: „Мислам дека протестите се добри и интересни двигатели на човечките акции, да чувствуваш бес и да имаш потреба да го исфрлиш, да не голташ, да не молчиш, да не трпиш. Политичарите треба да ја уредуваат и да ја водат државата, да се грижат за тоа работите да функционираат на ниво на општеството. Тие не го прават тоа. Тие сметаат дека работат, а дека ние само одиме по улици и се дереме“
Познатата актерка Мирјана Карановиќ неделава е во фокусот на вниманието во Сараево, каде што беше изведена претставата „Хелверова ноќ“, на режисерот Дино Мустафиќ, и беше одбележана 15-годишнината од нејзиното постоење на сцената на камерниот театар „55“. Мирјана Карановиќ и Ермин Брава, како главни актери, добија благодарници од театарот, а поведена е и иницијатива таа да биде прогласена за почесна граѓанка на Сараево и признанието да ѝ биде врачено на 6 април.
– Тоа е претстава со многу емоции, содржи нешто што стои во книгите за театар, а тоа е катарзата. Тоа е претстава што има емотивна катарза и луѓето ја гледаат повеќепати. И Емин и јас, без разлика што старееме, можеме и понатаму да ги играме ликовите во неа бидејќи тие не се ограничени во смисла на години. Има некои претстави што повеќе не можам да ги играм, бидејќи треба да ги играат некои млади актерки. Тука тоа е различно – изјавила Карановиќ за Радио Слободна Европа.
Говорејќи за иницијативата да биде прогласена за почесна граѓанка, што како признание треба да ѝ биде доделено на роденденот на градот, 6 април, таа истакнала дека Сараево за неа отсекогаш бил посебен град.
– Во овој град сум можела да комуницирам, од музика, визуелни уметности, до театар. Тоа секогаш била многу интересна врска на интелектуалното, менталното и емотивното – рекла.
Таа по повод актуелниот фестивал „Сараевска зима“, што деновиве се одржува во истиот град под мотото „Бука и бес“, ја коментира и состојбата во регионот полн со протести, особено во Белград и воопшто во Србија каде што се ангажирани многу уметници.
– Мислам дека протестите се добри и интересни двигатели на човечките акции, да чувствуваш бес и да имаш потреба да го исфрлиш, да не голташ, да не молчиш, да не трпиш. Политичарите треба да ја уредуваат и да ја водат државата, да се грижат за тоа работите да функционираат на ниво на општеството. Тие не го прават тоа. Тој бунт и тој бес најчесто од страна на политичарите се чита како нешто ирационално и непотребно, како самоволие, како разгаленост. Тие сметаат дека работат, а дека ние само одиме по улици и се дереме. Мислам дека тие се лоши родители и дека треба подобро да слушаат за што се работи, да се обидат да ги најдат причините зашто нешто се случува и дека дури тогаш да работат на тоа истото и да се поправи. А не да мислат дека ние треба да се поправиме, дека тие се добрите, а ние сме оние што треба да седнат и да размислат за тоа. Мислам дека луѓето што протестираат просто мораат да пораснат затоа што немаат помош. И ние како општество мораме да пораснеме, да ги дефинираме и да ги осмислиме начините што да правиме, не само да смениме една власт, туку кога тоа ќе се случи како да го организираме продолжението од својот живот. Никаков ефект нема од смена на власта ако тогаш ништо друго не се менува – истакнала меѓу другото Мирјана Карановиќ.