Втор форум на креативните градови за филм во Битола
Втор форум на креативните градови за филм од мрежата на УНЕСКО на тема „Создавање на градот на иднината“ се одржува во Бела куќа – Битола и во Центарот за култура – Битола. Предвидено е вклучување на високи претставници на креативните градови за филм од мрежата на УНЕСКО: Тераса (Шпанија), Бусан (Јужна Кореја), Лоѓ (Полска), Рим (Италија), Сараево (БиХ) и други градови-членки на кластерот филмски градови на УНЕСКО, како и претставници од домашните релевантни институции, невладиниот и бизнис-секторот што работат во креативните индустрии и филм. Форумот го организира здружението за филмска уметност Центарот за филм – Битола, за зголемување на соработката помеѓу градовите во областа на иновациите и едукацијата. Ова е прв форум од ваков вид кај нас и во регионот.
Во рамките на форумот се одржува панел-дискусија „Градови на иднината -Културата и креативноста како паметни инвестиции за градовите“, како и споделување искуства на градовите за справувањето со кризата од ковид-19, а ќе има и проекција на избор од кратки филмови од филмските градови на УНЕСКО во киното на отворено на Центар за култура – Битола
– Форумот требаше на едно место да собере повеќе од 20 учесници од странство, но во овие услови на глобална криза и борба со опасниот и непредвидлив непријател мораше да се најдат нови, алтернативни начини за одржување на предвидените активности. Годинава нема гости од странство, но тие ќе присуствуваат виртуелно. Обраќањата и дискусиите ќе се одвиваат на два начини, во живо со присуство на домашни гости и преку интернет со снимање со камери и стриминг во живо. Сите настани се одвиваат со строго почитување на протоколите за организација на јавни настани – велат организаторите.
Форумот почна со бесплатна проекција на бугарскиот филм „Слава“ на дуото Грозева – Валчанов. Форумот е од исклучителна важност за градот Битола како рамноправен член на креативните градови за филм од мрежата на УНЕСКО од 2015-та и еден од 18-те града што се дел од овој филмски кластер, единствен од Македонија и еден од ретките од регионот.
– Форумот има цел да придонесе за ефективен развој и промоција на филмската индустрија преку спроведување целосна процена, подобрување на националните капацитети и организирање промотивни настани во оваа област. Меѓу целите на форумот е да дејствува како единствена платформа, која членовите можат да ја искористат за да ги унапредат своите партнерства и да донесат нови идеи и соработка – велат од Центарот за култура – Битола.