Авторка: Холи Вилијамс

(Би-би-си)

Во 2017 година, Флоренс Шехтер откри дека во Исланд има музеј на пенисите, но никаде во светот не постоел музеј на женскиот еквивалент. Поради тоа, таа одлучила да преземе нешто, па така минатата недела се роди Музејот на вагината во Лондон.

Во музејот ќе биде прикажана целата гинеколошка анатомија, поточно внатрешноста (матката, грлото на матката и јајчниците) и надворешноста, и како тие делови се претставени во културите и низ историјата. Шехтер истакнува дека гинеколошката анатомија е најстигматизиран дел од телото, а музејот е место каде што може да се разговара на оваа тема, што е најдобриот начин за борбата против табуата и стигмата.

Флоренс Шехтер во Музејот на вагината во Лондон

– Ние сè уште сме резервирани кога треба да разговараме за органот меѓу женските нозе честопати поради незнаење, непријатност, па дури и срам иако самите имаме вагини. Пошироките културни ставови за неа водат до потсмев, цензура, одвратност, третирање како предмет или потиснување – вели Шехтер.

Култура на страв

Непријатноста да се разговара за женските гениталии има големо влијание врз западната уметност и култура. Табуата можат да дадат моќ, но исто така можат да доведат до страшни прикази на непознатото или да избришат огромен дел од женското искуство. Да почнеме со самиот чин на раѓање. До пред 20-титот век не постоеле слики за чинот на раѓање. Писателката Сири Хаствед вели дека потиснувањето на гестацискиот период и раѓањето се поврзани со потиснувањето на жените и стравот од нив. Ова, исто така, е поврзано и со верската традиција во која жената секогаш е претставена како девица, така што одвратноста кон елементите на размножувањето била присутна уште од самиот зачеток на уметноста.

Ема Рис, професорка по англиски јазик на универзитетот Честер и авторка на книгата „Литературна и културна историја на вагината“, вели дека вагината не постои во најголем дел од културниот наратив. Во 1997 година, британскиот уметник Џонатан Волер имаше изложба на слики од жени во вистинска големина, но галеријата сметаше дека се вознемирувачки и поради тоа ја повлече поставката. Во 2009 година, посетителите наводно ги покриле делата во изложбата на уметнички претставените ритуали на раѓањето.

Рис вели дека сè уште постои културен парадокс и лицемерност за вагините. Истите луѓе што го критикуваат чинот кога бебето излегува од вагината, редовно гледаат порно филмови и во нив вагините не им пречат, но се згрозуваат кога пред нив е прикажан природниот чин на раѓање. Од истите причини како и самата Шехтер, Рис решила да ги документира културните прикази на вагината, односно поради игнорирањето и неедуцираноста. Таа најмногу била испровоцирана од едно објаснување на една камена гравура на жена која со рацете држи отворена вулва пред црквата во Килпек во Хефордшир. Во објаснувањето од 19-тиот век пишувало дека се работело за „дворски шут кој со рацете држи отворени гради“.

Независната вагина

Сепак, во споредба со машките гениталии, приказите на вулвата биле реткост сè до 20-тиот век. Женските сексуални органи се многу поскриени за разлика од машките. Според книгата на Рис, постојат многу примери каде што вагината е претставена како независна или како нешто што е опасно и страшно. Така, митот за вагината со заби, која го повредува или кастрира машкото е присутен во разни култури и цивилизации што немаат никакви допирни точки меѓу себе. Во многу од митовите, стравот од непозната вагина бил добра причина за чинови на екстремно сексуално насилство. Ваквиот фројдовски страв се забележува во филмот „Заби“ од 2007 година на режисерот Мичел Лихтенштајн. Овој мит е присутен и во уметничкиот перформанс на Ени Спринклс наречен „Јавно соопштение за грлото на матката“.

Исто така има многу примери на разборената вагина, органот што ја говори вистината, која нејзината сопственичка не сака или не може да ја каже. Поради ваквиот став, жените честопати се чувствувале како органот да не е дел од нив и како да немаат контрола врз него. Овој пример се појавува во средновековната француска поезија, како и во делата на францускиот писател Дени Дидро од 18-ти век. Еден од поновите примери за раздрдорените гениталии е американска комедијата „Дрдорка“ од 1977 година, во која вагината на главниот лик Пенелопи почнува да збори, па дури и да пее.

Секако не треба да изненади ни фактот што оваа тема беше третирана и во анимираната серија „Саут парк“, каде што беа прикажани разни женски органи како зборуваат, најчесто за да се наруши репутацијата на моќните жени. Во една епизода, Опра Винфри имаше независна вагина која била незадоволна и сакала поголемо внимание, а Хилари Клинтон имала вагина со заби која одгризала човечка глава. Во филмот за „Саут парк“ од 1999 година, беше прикажан еден друг пољубезен орган што зборува, а тоа е мистичниот и речиси митски клиторис.

Принципот на задоволство

Задоволството е најважната функција за сите сопственички на вагина, но, за жал, ретко се третира во уметноста. Поради тоа што со векови вагината честопати била скриена, освен во порнографијата, вистински предизвик било да се постигне видливост, па дури и најпознатите дела биле цел на жестоки критики подеднакво од мажите и од жените, на пример како инсталацијата „Вечера“ од 1979 година на Џуди Чикаго и драмата „Вагинални монолози“ од 1996 година на Ив Енслер. И покрај силните критики кон драмата, Енслер успеа да го наметне дијалогот за вагината во секојдневието.

Уметниците од 21-от век можат да ги претставуваат вагините без тоа да биде трауматично или стигматизирано. Театарската изведба на актерката Бела Хисом вклучува мастурбирање, доживување оргазми на сцената и приказ на клиторисот. Визуелната уметница Гада Амер користи везови во нејзините шарени слики на жени како мастурбираат. Чабалала Селф во уметничките дела, кои се спој на колажот и шиењето, се прикажани моќни и самоуверени црномурести жени со раширени нозе, широки бутови или заоблени задници, како ги откриваат своите гениталии.

Ив Енслер, авторката на „Вагинални монолози“

Зошто вагините да не се комични?

Џанел Моне направи фантастичен спот за ланскиот хит „Pynk“, кој е химна за сакањето на себеси, сексуалноста и моќта на вагината. Уметницата Невин Махмуд изработува прекрасни скулптури од мермер и гипс во форма на расцепени праски и смокви, како и цветови од кринови што потсетуваат на вагини. Еротскиот потенцијал на овошјето се забележува и во видео-снимките на американската мултимедијална уметница Стефани Сарли, чиј профил на Инстаграм беше три пати блокиран од самата компанија. Јапонската уметница Мегуми Играши, позната по 3Д-моделот на нејзината вулва наречен „кајче“, беше уапсена и парично казнета за дистрибуирање на непристојни слики.

„Кајчето“ на јапонската уметница Мегуми Играши

Уметниците само сакаат да покажат дека и женските полови органи можат да бидат комични на истиот начин како пенисите. Но ваквата цензура покажува дека сè уште немаме слобода да зборуваме за вагините, па дури и да бидеме креативни во нивното прикажување во полн сјај, иако тие конечно добија свој музеј.

Превод: Билјана Здравковска