Марио Маријани и Марко Пешетели, италијански пијанисти и професори
По повод прикажувањето на филмот „Кабирија“, класика на италијанската нема кинематографија, придружуван во живо на пијано од маестро Марио Маријани, минатата недела во Скопје, во рамките на неделата на италијанскиот јазик, покрај Маријани, гостуваше и пијанистот и професор Марко Пешетели, експерт за кинематографија, кој соработувал во реставрацијата на филмот и кој го организираше овој настан благодарение на Амбасадата на Италија, во соработка со Кинотеката на Македонија.
Како се роди идејата за прикажување нем филм во денешно време, во период во кој кинематографијата претежно нуди технолошки многу напредни филмови со специјални ефекти, кои постојано ги воодушевуваат гледачите?
Марко Пешетели: Предлогот доаѓа како дел од 19-то издание на Неделата на италијански јазик во светот, иницијатива на италијанското министерство за надворешни работи и меѓународна соработка, поддржана од Амбасадата на Италија, која сака да ги промовира италијанскиот јазик и култура низ целиот свет. Филмот е продуциран во 1914 година, постигнал голем меѓународен успех и се прикажувал една година во Њујорк и шест месеци во Париз. Сценариото е напишано од познатиот италијански поет Габриеле Данунцио. Бидејќи темата на манифестацијата оваа година е „Италијанскиот јазик на сцената“, однесувајќи се на сите сценски уметности (театар, песна, мелодрама, кинематографија), мислев дека изборот за прикажување на овој филм е задолжителен.
Голема посетеност беше забележана на проекцијата на филмот. Кои биле причините за неговиот успех низ годините и зошто овој филм е толку важен и се смета за ремек-дело и денес?
Марко Пешетели: Филмот е прв долгометражен филм (дотогаш времетраењето на филмовите било најмногу половина час) и е претходник на многу техники што потоа беа користени од филмаџиите низ целиот свет, вклучувајќи ги Дејвид Грифит и Алфред Хичкок. Доволно е да го споменеме изумот на количката или Доли, што овозможи движење на филмската камера за време на филмскиот сет. Тоа придонесе за употреба на тродимензионални сценографии, апсолутна новина за таа епоха. На пример, импресивна е појавата во филмот на богот Молок, висок повеќе од 15 метри, кој и денес е изложен во Музејот на кинематографијата во Торино. Покрај тоа, филмот бил во боја, иако техниките за немите филмови биле различни од сегашните, бидејќи директно се боел позитивот, кој требало да се проектира. Изданието што го видовме во кинотеката во Скопје е дело на двегодишна реставрација во која беше прикажана хипотетичка верзија на филмот, бидејќи оригиналниот негатив на филмот е загубен. Уште една причина за интерес е присуството на ликот Мачисте, добриот и многу силен херој, кој им се спротивставува на измамниците и ги спасува слабите и девојчињата, кои се во опасност, лик што првпат тука се појавува на екранот, и кој ќе има голем успех оттогаш наваму. Секако, филмот е под влијание на националистичкото лудило на епохата, во која Италија штотуку излегла од војна против Отоманската Империја, но интересен е и за визуелното претскажување на она што ќе се случи за неколку години потоа, со појавата на фашистичкиот режим.
Вие го придружувавте филмот на пијано речиси три часа. Од каде ја добивте музиката што ја свиревте? Забележавме дека не следевте никаква партитура?
Марио Маријани: „Кабирија“ е првиот нем филм што има оригинална филмска музика, а ја напишал Илдебрандо Пицети, композитор што се смета за ѕвезда во почетокот на 20 век, заедно со Данунцио со кого веќе соработувал. Но музиката е напишана за голем оркестар од 40 изведувачи и 80 пејачи. Во овој случај, благодарение на Националниот музеј на кинематографијата во Торино, кој ја позајми оригиналната партитура, ја адаптирав за пијано и ја интерпретирав во живо музиката напишана од Пицети и неговиот студент Манлио Маца, кој го завршил делото.