Филмската програма на Кинотеката за мај и јуни се движи, по обичај, меѓу класичните кинотечни наслови и новите тенденции во европската и светската кинематографија. Но, не е заборавена ниту домашната продукција. Напротив, во стандардните термини за долгометражните играни филмови ќе имаме можност да видиме десетина краткометражни филмови од македонски автори, продуцирани во последниве две години.
– Има многу „сериозни“ теории и луцидни досетки за тоа дали иднината е запишана во минатото или, пак, постои само сегашноста, а минатото и иднината се само нејзините две страни, како кај еден медал, но во фундусот на македонските краткометражни филмови на младите автори очекуваме и сакаме! – да ги препознаеме новите имиња што ќе ја обележат долгометражната продукција наредниве децении – најавуваат од Кинотека.
Кинотечната програма во мај и јуни нуди спектар од интересни автори и настани, како и неколку значајни ретроспективи. Почетокот на мај е резервиран за „Денови на рускиот филм“ по повод Денот на победата и „Оберхаузен патува“ – ретроспектива на фестивалот на краткометражен филм, со пет термини во кои ќе можеме да проследиме дваесетина наслови од најновата краткометражна продукција. Крајот на мај е резервиран за „Програмата плус“ на „Филозофскиот филмски фестивал“ – Ретроспектива на Вим Вендерс: Замислување на мирот преку филозофијата и филмот.
Месецов ќе ја проследиме и Неделата на италијанскиот филм, а периодот од 31 мај до 4 јуни е планиран за вистинска кинотечна прославата на опусот на еден од најзначајните филмски автори на бившојугословенската и хрватската кинематографија, Рајко Грлиќ. Избраните седум играни филма на Грлиќ се вистински пресек на неговата богата кариера, од почетоците како протагонист на Прашката школа во југословенската кинематографија, до неговите остварувања во последнава деценија.
На програмата на Кинотеката за мај и јуни се и филмовите на потврдените автори како Фатих Акин, Кен Лоуч, Павел Павликовски, Франсоа Озон, Горан Паскаљевиќ…