Мултимедијална инсталација „Скок во точка“, инспирирана од концептот за времето преку различни социјални сегменти, во контекст на уметничките практики, дело на младата македонска уметница Кирила Цветковска, е претставена во Центарот за современа уметност во Торуњ, Полска. Уметничкиот проект, кој е презентиран преку експериментални видео и фотографски проекции на ТВ-монитори, вклучувајќи оригинален креативен текст, како и звучна инсталација, ја истражува идејата за времето и можниот скок до одредена точка во него. Посетителите имаа можност да ги искажат и сопствените идеи за времето, користејќи ја работата на уметникот како инспирација. „Скок во точка“ содржи оригинална музика компонирана од Гордан Спасовски, џез-пијанист и композитор од Македонија, а е дел од годинешната програма за уметнички престој на културната агенда Торуњ, во партнерство со торуњскиот центар за современа уметност „Знаци на времето“.
Кирила Цветковска е независна истражувачка, кураторка и уметница. По студирањето историја на уметност и психологија во Рим, вклучена е во мултидисциплинарниот проект „Теверетерно“ (Рим и Њујорк), посветен на создавање на првиот и најголем јавен простор за современа уметност на урбаниот речен кеј на Рим. Како дел од оваа иницијатива, таа работела како истражувачка, продукциска и кураторска асистентка на проект на јужноафриканскиот уметник Вилијам Кентриџ, истражувајќи ги најголемите победи и порази низ римската историја до ден-денес. Учествувала на уметнички резиденции во Бугарија и САД, а годинава и во програми во „Тејт модерн“ во Лондон и во Белград. Цветковска истовремено соработува со уметници во Рим на експериментални уметнички проекти. Дел е од уметничкиот колектив „Самотија“ со уметницата Сара Спицикино и фотографката Ривка Спицикино, создавајќи уметнички социјални интервенции. Нејзиното лично истражување и уметничка практика се темелат на темите: колективна меморија, време, загуба и одвојување, анализирајќи ги меѓукултурните вредности што ги опфаќаат овие прашања и нивната манифестација.