Бојан Ковски, уметник
Младиот уметник Бојан Ковски (1993) неодамна се претстави пред домашната публика, со својата нова изложба насловена „Панта реи“. Ковски е академски сликар, кој своите студии ги има завршено на Факултетот за ликовни уметности (2015), а бележи неколку самостојни и групни изложби и перформанси. Неговиот препознатлив стил вклучува слики масло на платно, како и бодипејнт-перформанси. На изложбата „Панта реи“, која до 7 декември ќе биде поставена во галеријата „Акантус“, се претставени 16 дела што авторот ги создавал во изминатите три години. Преку овие слики, Ковски го става фокусот на човечкото тело и природата, кои претставуваат константен тек и перцепција на човечката визуализација.
Ова не е ваша прва изложба, но, секако, е еден од поголемите ваши проекти. Колку време траеше процесот на подготовка, како изгледаше тоа од творечки, емотивен аспект?
– Целиот процес на подготовка почнува од самиот почеток на моето творештво и сите пречки и искуства стекнати досега, додека делата што се претставени на оваа изложба се работени во последниве три години како заокружување на еден циклус за да се овозможи почеток на наредниот.
Самиот процес беше проследен со многу убави случувања, како и со пречки за кои беше потребно доста време и труд да се надминат. Претставува едно емотивно движење по најразлични патеки што водеа до различен исход, но со една цел, за сиот труд отпосле да се постави како една целина што соодветствува на процесот и на приказната што „Панта реи“ цели да ја раскаже.
Делата од оваа изложба вклучуваат симболични наслови, кои носат имиња на грчки, римски и вавилонски богови, илустрација на убавина, љубов и страст, преку техника што користи паста за градење тридимензионални форми на платното…
– Тоа се теми, кои, гледајќи низ призмата на градење на човековата мисла, се едни од главните на кои се темели модерното општество. Минатото и иднината се идеалите што сакам да ги претставам. Во моите слики, митологијата поврзана со човековите чувства има за цел да зборува и да му пренесе порака на гледачот, не моја порака, туку порака што гледачот ќе ја види за себе, она што спојот на неговите чувства и ум при гледање на сликата ќе го создадат како приказна за неговото доживување.
За мојата експресија на платното користам класична техника масло на платно, со што ја градам целата слика, нејзината плоштност, како и нејзината тридимензионалност. Боја што во поголемо или помало количество помешана со масло го создава целиот релјеф, кој се доближува кон гледачот и ја создава длабочината на сликата.
Кои се најчестите теми што ве интересираат, што ја буди вашата креативност?
– Гледам инспирација во она природното, недопрено од модерното општество. Чистотата на природата и анатомијата се најчестите теми што ме опседнуваат и ми будат порив да ги искажам моите мисли на платно. Тие теми отвораат доволно голем простор за искажување на која било приказна што сакам да ја раскажам.
Освен со сликарство, се занимавате и со сликање на човечко тело. Како е прифатен овој медиум од домашната публика, кои се најчестите реакции?
– Бодипејнтот како начин на изразување е еден сегмент од моето портфолио што започна многу спонтано, но за кратко време се разви како дел од мојот професионален пат. Прифатен е како и секој вид уметност, со воздишки и пофални зборови или остра критика. Секој во себе носи различен концепт за восприемање на она што му е сервирано.