„ВИОЛИН-ФЕСТ“ 2019

На 12 јуни оваа година, во камерната сала на Филхармонија, имавме можност да ги
запознаеме младите изведувачи – учесници на „Виолин-Фест“ 2019, единствениот
фестивал во нашата држава посветен на младите виолинисти.

Оваа манифестација се одржува веќе седум години по ред, по иницијатива и во
организација на Владимир Костов – истакнатиот македонски виолинист постојано
присутен на концертните подиуми како солист и член на различни камерни состави,
концерт-мајстор на Филхармонијата и вонреден професор на Факултетот за музичка
уметност во Скопје. Фестивалот се реализира со поддршката од Министерството за
култура и секогаш предизвикува голем интерес кај стручната и пошироката јавност.

Самиот Владимир Костов потенцира дека целта на манифестацијата „Виолин-
Фест“ е да им се овозможи на младите виолинисти уште еден простор за музицирање,
надвор од редовните настапи предвидени со наставата. Благодарение на ова, фестивалот постепено ги привлече и учесниците од другите земји во регионот, со што станал меѓународен. Така, на овогодишното фестивалско издание, покрај младите виолинисти од Македонија, учествуваа и нивните колеги од Србија и од Косово.

На сцената на камерната сала настапија младите виолинисти од различна возраст и
образовно ниво – од трето одделение на основното музичко училиште до трета година на Факултетот за музичка уметност. Разбирливо најмногубројни беа македонските учесници од повеќе музичко-образовни установи ширум земјава: Лина Николеска (Охрид), Иван Милосов (Кочани), Михаела Лазарева (Штип), Леонардо Димоски (Прилеп), Александар Војневски (Скопје – ДМБУЦ), Марио Робе (Скопје – ФМУ). Гостите од Ниш – Србија беа: Алекса Аќимовиќ, Лазар Мутавѓиќ и Андријана Косовац, а Леуфат Буџуку дојде од Пеќ – Косово. Заслужни за нивната подготовка беа наставниците и професорите: Христина Пецаковска Николеска, Петар Поповски, Ангела Аревска, Љупчо Трајковски, Сихана Бадивуку, Биљана Весковска, Владимир Костов, Милена Стевановиќ и Ерис Опари-Зека.

Младите уметници се претставија со делата од виртуозен карактер, кои се
предизвик за нивната возраст но и еден од критериумите за учество на фестивалот. Во
изведбите тие демонстрираа солидна техничка подготвеност и чувство за сценски настап, а успеаја и да го доловат карактерот на делата од Крајслер, Паганини, Новачек, Виењавски, Сен-Санс, Кабалевски и Сарасате. Особен акцент во целата програма беше ставен на творештвото на Крајслер, Паганини и Виењавски – прочуените композитори, виолинисти, за кои на почетокот на концертот инспиративно говореше организаторот Владимир Костов.

Како учесниците, така и нивните наставници, беа единствени во ставот дека овој
настан нуди одлична можност за меѓусебна соработка, споделување на нови идеи,
стекнување знаења од различни традиции и проширување на хоризонтите. Во недостаток од јавните настапи кои играат клучна улога во формирањето на младите уметници, манифестацијата „Виолин-Фест“ е уште еден подиум каде што тие можат да се претстават, да стекнат сценско искуство, а со тоа – самодоверба и инспирација за работа. За тоа придонесува и општата топла и пријателска атмосфера на фестивалот кој не е со натпреварувачки карактер. Од особено значење за младите виолинисти беше и можноста да соработуваат со нашата реномирана пијанистка Марија Вршкова – професорка на Факултетот за музичка уметност во Скопје и една од најпрочуените и искусни во ансамбловото музицирање. Забележана беше и уметничката соработка на младиот пијанист Јордан Петрушевски кој настапи во дуото со Александар Војневски. Изведбите на младите виолинисти беа топло примени и од публиката – како
професионалните музичари, така и редовните посетители на концерти.

Се надеваме дека фестивалот и понатаму ќе просперира, ќе привлече уште поголем
број виолинисти од различна возраст и ќе ја прошири својата географија. Им посакуваме на учесниците на „Виолин-Фест“ 2019 кои веќе ветуваат многу да го пронајдат својот пат во уметноста и успешно да ја претставуваат нашата музичка култура ширум светот.

Автор: Нора Бајрами, студентка на одделот за музикологија на ФМУ – Скопје