Завршија истражувањата на локалитетот Врбјанска Чука
Завршија годинашните археолошки истражувања на локалитетот Врбјанска Чука, Прилепско, што ги вршеше Центарот за истражување на предисторијата. Археолозите добија импресивни резултати за средновековните ритуали на погребување и за неолитската архитектура.
– Во рамките на неколку неолитски градби се регистрирани структури во кои се обработувале жита, како и вкопани канали што се користеле како основа на ѕидовите. Што се однесува до материјалната култура, покрај многубројните остатоци од репрезентативна грнчарија и алатки, откриени се нови форми на жртвеници, а како особено ексклузивен го истакнуваат керамичкиот диск на кого има врежани линии во форма на спирала, меѓу кои се присутни точки со убоди – вели раководителот на истражувањата Гоце Наумов.
Детално биле истражувани неколку гробни целини под кои биле поставувани намерно кршени парчиња керамиди и камења. Особено се истакнува и положувањето на отсечен череп на дно од мошне длабока јама за чување жито, а кој бил раздвоен на два дела и внимателно поставен на дното.
– Годинашните истражувања даваат нова слика за неолитската архитектура и за симболичките претстави, како и за средновековните ритуали и нивните невообичаени манифестации. По ископувањето во археолошката сонда, престои анализа на материјалната култура и примероците од земја во кои ќе се трага по остатоци од разни растенија користени при исхраната во неолитската населба – вели Наумов.
Локалитетот Врбјанска Чука е тумба формирана како неолитска населба пред 8.000 години, а која потоа во антиката и во средниот век е користена како стопански центар и некропола. Во неа се откриени остатоци од масивни неолитски градби и структури, како и мноштво антички јами и средновековни погребувања.