Ова е прво прикажување на збирката како единствена целина, при што на пошироката јавност ќе ѝ се овозможи поаналитичко запознавање со иконографскиот и стилско-ликовниот развој на зографската „ренесансна уметност“ низ бурните текови на 19 век на нашата територија
Изложбата „Икони од Музеј на град Скопје“, која ќе биде отворена утревечер, во 20 часот, во Музејот на градот Скопје претставува прво прикажување на збирката како единствена целина, при што на пошироката јавност ќе ѝ се овозможи поаналитичко запознавање со иконографскиот и стилско-ликовниот развој на зографската „ренесансна уметност“ низ бурните текови на 19 век на нашата територија. Авторка на изложбата и на каталогот е Викторија Грозданова Коцевски, кустос-советничка и историчарка на уметноста, а за значењето на презентираните дела ќе говорат Фросина Зафировска, в.д. директорка на Музеј на градот Скопје, и Сашо Цветковски.
Изложбениот концепт опфаќа презентација на педесетина икони што припаѓаат на фондот на Музејот на градот Скопје, а датираат од времето на 19 и почеток на 20 век.
Збирката се формирала во изминатите пет децении. Иако овој фундус на икони е мал по обем, сепак по својата впечатлива и вредна содржина во голема мера ги отсликува развојот и еволуцијата на стилските особености на црковната уметност низ 19 век во Скопје и Скопско, но и пошироко на територијата на нашата земја. Автори на делата се најталентираните зографи на македонската преродбенска уметност како Дичо Зограф и неговите следбеници: Петре Пачаров Дебранец, Благој (Блаже) Дамјанов, Дамјан Зограф од Крушево, Димитар Андонов Папрадишки и др.