Посетителите можат да посетат едновремено повеќе изложби, кои се во тек во салоните на галеријата „КО-РА“, почитувајќи ги сите мерки на претпазливост поради пандемијата. Во тек се три изложби со кои се претставуваат сликари, графичари, скулптори, дизајнери, фотографи, низ повеќе техники и медиуми, вклучувајќи го и видеото на Ирена Паскали од Германија, поставено во виртуелната галерија во контекст на групната изложба по повод деновите на пролетта и на екологијата.
Во малиот салон е изложбата на скулптури на Ненад Тонкин, академски вајар и сценограф. Изложбата е насловена „Малите суштества од станот што се реновира“.
Во големиот салон во тек е изложбата на група од 21 учесник од Македонија и од надвор, која е мултикултурна и мултимедијална. Оваа година таа е насловена „Ги сакам дрвјата – ги сакам шумите – ја сакам нашата планета Земја“. На оваа изложба учествуваат: Марија Светиева, Стојче и Емилија Тоциновски, Мирко Вујисиќ, Христина Зафировска, Петра Јовановска, Лидија Вујисиќ, Љупчо Бојаров, Борјана Божиновска и др. Кураторка е Виолета Калиќ, историчарка на уметноста, стручна соработничка за визуелни уметности, дизајн и за архитектура во домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје.
Во малиот салон на галеријата „КО-РА“ во тек е изложбата на Александар Ацо Таневски насловена „Нумеризација“. Од 16 јуни ќе биде отворена заедничката изложба на двете уметници: Петра Јовановска и Валентина Илијеска, а во подготовка е и изложбата на Марија Светиева, која ќе биде отворена на 30 јуни. Оваа изложба на акварели е насловена „Македонски пејзажи“, а непосредно е инспирирана од убавините на Македонија.