В понеделник, со почеток во 19 часот, во Музејот на градот Скопје, ќе биде отворена изложбата на слики насловена „Хероините на нашето време“ на Јана Јакимовска. Јакимовска оваа изложба им ја посветува на жените од Македонија, хероини што во изминатиот период бурно се бореле за правда, мир, еднаквост, права, за маргинализираните и различните.
– Важно е да ѝ се врати достоинството на портретната уметност. Важно е на новите хероини да им се оддаде почит. Но најважно е женските заложби да се вреднуваат и надвор од женските кругови – ќе рече Јана Јакимовска.
„Хероините на нашето време“ е прва од серија проекти на истата тема што Јакимовска има во план да ги спроведе. Во првиот циклус се опфатени активистки чии заложби таа ги посведочила лично.