„Позадини“ е насловена изложбата на уметницата Бојана Артиновска-Трпческа, која е отворена деновиве во Ликовната галерија на ЦК „Марко Цепенков“.
– Решив да ги претставам делата не со намера да најдам соодветна заднина за портретите, туку за заднините да пронајдам соодветни портрети. Сакам случајните или намерните минувачи да станат интерактивни учесници и дел од интенцијално дизајниран простор и за момент да се соединат со заднината и да се соочат со себеси, имајќи го на ум сознанието дека ќе бидат фотографирани. Замислата е секој да ја пронајде заднината со која најмногу се идентификува, односно елементот и просторната димензија со која се соживува – вели Артиновска-Трпческа.
Според Викторија Димеска, историчарка на уметност, Трпческа експериментира со разни сликарски техники и технологија и осознава дека уметничкото и естетското доживување на боите во една сликарска композиција предизвикува илјадници доживувања.
– Љубовта и поврзаноста со портретот како постојан и чест мотив во нејзиниот творечки опус ја охрабруваат да истражува и во полето на фотографијата, користејќи ги подоцна истите фотографии како предлошка за сликани дела или цртежи. За изработка на фотографиите, таа подготвувала разни заднини, кои ѝ помогнале при подоцнежната реализација на колоритните композиции…. Мотивирана од идејата за можностите што ги нуди самиот концепт, уметницата продолжила да слика со леснотија и неверојатна брзина, исполнувајќи ги и обликувајќи ги платната со боја и претворајќи ги во концептуално автономни творби. Постепеното создавање монументални и амбиентални дела е инспирирано од основните елементи во просторот што го опкружуваат човекот – вода, воздух, оган, земја, метал и етер – вели Димеска.
Бојана Артиновска-Трпческа завршува ФЛУ – Скопје, во класата на проф. Родољуб Анастасов, на отсекот сликарство и сценографија. Има реализирано изложби во Крушево, Прилеп и во Ниш. Од 2005 година е членка е на ДЛУБ, од 2010 г. е членка на ДЛУП, а од 2020 г. членка е на ДЛУМ. Соработува со НУЦК „Марко Цепенков“ и театарската работилница за изработка на костими, сценографија и шминка за повеќе претстави.