„Позадини“ е изложбата од прилепската уметница Бојана Артиновска Трпческа што ќе биде отворена вечерва од 19.30 часот во Ликовната галерија на ЦК „Марко Цепенков“. Изложбата е финансирана од Министерството за култура во годинашната програма на ЦК.
Решив да ги претставам делата не со намера да најдам соодветна позадина за
портретите, туку за позадините да пронајдам соодветни портрети вели уметницата.
– Сакам случајните или намерните минувачи да станат интерактивни учесници и дел од интенцијално дизајниран простор, со цел за момент да се соединат со позадината и да се соочат со себе си, имајќи го на ум сознанието дека ќе бидат фотографирани. Замислата е секој да ја пронајде позадината со која што најмногу се идентификува, односно елементот и просторната димензија со која што се соживува. Делата ќе значат продолжување на животот на енергијата која што ја вложувам во нив. Вибрациите ќе продолжат да треперат во секое ново среќавање со делата, со секое ново застанување на разни модели пред платното. Идејата е набљудувачот да постане свесен за сопственото делување и влијание во просторот и времето – објаснува Артиновска – Трпческа.
Според Викторија Димеска, историчар на уметност, преку изложбата Трпческа екпериментира со разни сликарски техники и технологија и осознава дека уметничкото и естетското доживување на боите во една сликарска композиција предизвикува илјадници доживувања.
Бојана Артиновска Трпческа, завршува ФЛУ – Скопје во класата на проф. Родољуб Анастасов на отсек сликарство и сценографија. Има реализирано изложби во Крушево, Прилеп и во Ниш. Од 2005 година е член е на ДЛУБ, од 2010г. е член на ДЛУП, а од 2020 г.член е на ДЛУМ. Соработува со НУЦК „Марко Цепенков“ и Театарска Работилница за изработка на костими, сценографија и шминка за повеќе претстави. Напоредно со сликарството и сценската уметност истражува и во полето на фотографијата. Ка.М.