Македонските уметници Славица Јанешлиева-Бачварска, Гоце Наневски и Игор Сековски на 14 март ќе се претстават со заедничката изложба „Триплет“ во рамки на програмата на меѓународниот фестивал „Сараевска зима 2019“, во галеријата на АЛУ Сараево.
Изложбата „Триплет“ е селектирана од организаторот на „Сараевска зима“ и презентира дел од рецентната продукција на овие три македонски современи автори со исклучителна и богата биографија. Секој од авторите реферира на специфична тема од современото општество и живот (глобално и локално) на експлицитен визуелен јазик, добро познат на македонската ликовна публика, а е резултат на индивидуалните интереси, истражувања и изложбена активност.
Славица Јанешлиева – Бачварска ги изложува објектите „Имигрант, емигрант или можеби јас“ (2016/17) и „Споменик за крајот на 20-от и почетокот на 21-от век“ (2016), визуелизации со кои ги заматува границите на локалното и глобалното, давајќи им нови значења и интерпретации.
Гоце Наневски претставува дел од проектот Анатомија на векот од 2017 година односно видеата „Судбина” и „Ние вампирите”, како и објектот „Срамота е да нема змии овде” од 2015 година. Делата реферираат на моралните, етичките, културните и егсистенционалните аномалии како наметнати референтни вредности во општеството.
Игор Сековски се претставува со делата „„ (2019) и „Quo vadis“ (2014), кои се однесуваат на прашања поврзани со транзициската неизвесност и егзистенција и општото чувство на изгубеност и вртење во круг, притисокот за остварување заокружена и прецизна артикулација, и неможноста за комуникација.
Меѓународниот фестивал „Сараевска зима“, под покровителство на УНЕСКО се одржува по 35-ти пат, од 7 февруари до 21 март. Годинава на фестивалот учествуваат 1.500 уметници од 41 земја во светот под слоганот „Бучава и бес“.