Во Ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп денеска е отворена изложба на слики од уметникот Ниче Василев, кој пред прилепчани се претставува со 22 дела. Изложбата поддржана од Министерството за култура, ќе биде поставена до 26 мај.
Творештвото на Ниче Василев според Никола Пијанманов, е секојдневна борба со сивилото на светот. Отворајќи ја изложбата денеска, Никола Пијанманов, посочи дека Василев е еден од уметниците кои не мируваат, туку се во постојан грч на креација и осмислување на секојдневниот театар на живот.
– Неговата палета е постојано свежа, а неговиот животен простор континуирано стеснет со премногу дела… Уметноста на Ниче е во постојана потрага по совршениот клуч кој ќе ги соедини бојата, светлото и цртежот. Некогаш бојата ја преплавува сликата и триумфира над силуетите, некогаш цртежот ја натсликува бојата со сета своја елеганција и раскош. Оттука маестрално ги користи како медиум пастелите и моливот во боја како што своевремено Едгар Дега ги досликуваше костимите на кревките и нежни балерини со структура на изронети крилца од ноќни пеперутки. Иако првенствено е сликар на човечката присутност, и на ентериерите во кои неповратно се втиснале сенките и формите на женските фигури, актови, еротските облини и погледите на анонимните ликови, нежните и кревки човечки судбини, Ниче Василев е и голем мајстор на пејзажот. Природата во неговите слики трепери не неповторлив начин, синтезата меѓу небото и земјата, тешките бели облаци, тревките на ливадите и ниските ридови во хоризонтот, гранките и меката топла земја на медитеранските полиња, формираат една цела галерија на совршен свет на природата кој човекот полека но сигурно го губи – посочи Пијанманов за творештвото на Ниче Василев.
Ниче Василев Академија за ликовна уметност завршил во Варшава во 1978 година во класата на Лудвиг Мачионг. Во 1971/72 студирал на Националната академија на факултетот за применети уметности во Софија. Член е на ДЛУМ од 1980 г. Живее и работи во Струмица. Реализирал над 30 самостојни изложби во Македонија и во странство, меѓу кои во Скопје, Струмица, Битола, Штип, Гевгелија, Варшава, Атина, Софија, Анкара, Цирих, Мадрид, Белград… Учествувал на групни изложби и ликовни колонии во земјата и во Бугарија, Послка, Србија, Грција, Франција, Словенија… Добтиник е на бројни награди и признанија. Ка.М.