„Изгрејсонца на животот“ е тематската изложба од 30 дела од Марија Светиева, што ќе биде отворена вечерва од 20.30 часот во ликовниот салон на ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп.

-Во континуитетот на опусот на Марија Светиева, како во еден здив допираме еден воспеан, магичен и осознаен сон, кој на моменти се преточува во јаве, кое не плени и опчинува, давајки му на животот изблик на нескротлива радост. Делата се восхитувачко ведри, полетни со волшебна енергија на сугестивно, заводливо, вечно пролетно, со аура на магичен реализам, поместувајки ги границите меѓу јавето и сонот, соединувајќи ги световите на стварното и нестварното, на реалното и надреалното – забележува за нејзиното творештво Виолета Калиќ.

Марија Светиева дипломирала на Факултетот за ликовни уметници во Скопје, на отсек графика со графички дизајн, кај професор Димитар Малиданов. Член е на ДЛУМ, реализирала стипендија во Болоња, член е на Интернационалното здружение на графичари во Рим.

Во 2010 магистрира на отсек графика при Факултетот за ликовни уметности кај професорот Димитар Малиданов. Реализирала бројни самостојни изложби низ Македонија, во Хрватска, Србија, Косово, Чешка, Италија, Швајцарија, Шведска, Германија, како и повеќе групни поставки, а била дел од колонии.
За нејзиното творештво е добитник на повеќе награди.

Ка.М.