Во Ликовната галерија на НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп,, утре, 9 октомври, со почеток од 12.30 часот, ќе биде отворена изложбата на скулптури од галериски формат со наслов „Недефинирана кодификација“, од авторот Слободан Милошески.
Слободан Молошески е роден во Охрид во 1977 година. Тој дипломира на Факултетот за физичка култура во Скопје во 2001 година. Во 2009 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје – вајарски оддел, а магистрира на истиот факултет во 2011 година. Во 2018 година докторира на Националната уметничка академија во Софија, Р. Бугарија, на катедрата за скулптура.
Досега има реализирано 22 самостојни изложби , а учествувал на повеќе од 70 групни изложби во земјата и странство. Добитник е на 13 награди и признанија, од кои најзначајни се наградата за скулптура „Јордан Грабул“, доделена од Друштвото на ликовните уметници на Македонија во 2012 и 2015 година, како и наградата за скулптура мал формат „Димо Тодоровски“, исто така доделена од ДЛУМ во 2014 година.
Во неговата биографија се забележливи реализираните скулптури во јавен простор, меѓу кои: скулптурите на Живко Чинго, Ристо Шишков, Кузман Шапкарев, Јоаким Крчоски, спомен-облежјето на Првото заседание на АСНОМ, скулптурата на муза, наменета за фасада на објектот „Стар театар“, скулптури наменети за фасадата на објектот на МНР, како и скулптура поставена на Интернационалниот балкански универзитет во Скопје.
Авторот Милошески е член на ДЛУМ од 2009 година, а во моментот работи како доцент на Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.