Вечерва во галеријата на Домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци ќе биде отворена ликовната изложба со наслов „Сопство“ на ликовата уметница Симона Манчева.
Уметничките интереси на кавадаречката ликовна уметница Симона Манчева се базираат на согледување на фиктивната реалност и уште пофиктивниот морал во општеството.
– Преку своите истражувања се обидувам да ги прикажам и разнишам нашите стеги,
предрасуди и стереотипи кои ги зајакнуваат границите на нашата слобода, истовремено и да се развие свесноста на луѓето за остварување на своите права и задоволување на своите потреби. Што всушност значи насловот „Сопство“? Сопсто е концептот кој го имаме за себеси. Сопство е се она што ја прави една личност. Декарт вели „Мислам значи постојам, додека Барбара Кругер вели „Купувам значи постојам“. Овде се прикажани физичкото и мислечкото битие на човекот. Низ историјата човекот го менувал концептот за себеси. Умствениот капацитет на човекот е менувачки и минлив, исто како и телото. Се до ренесансата сопственик на нашите тела се сметал Бог, телото како убаво и добро чиј сопственик е човекот се појавува со деконструкцијата на групните идентитети, со порастот на индивидуализмот и слабеењето на црквата. Атрибуираниот, субјективниот и оптативниот идентитет се „зависни“ од телото, од биолошкиот идентитет. Од самото раѓање(пол), па низ целиот живот (здраствена состојба) ние се бориме со ограничувања за тоа каде, како (ни доликува), треба да се однесуваме. Изворот на нашите стравови и задоволства пред се е ментален или телесен? Телото е наш понекогаш верен, понекогаш палав, а понекогаш предавнички настроен придружник – објаснува уметницата Симона Манчева за нејзиниот најнов самостоен ликовен проект насловен „Сопство“.
Симона Манчева е родена во Кавадарци. Во 2011 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, а во 2013 магистрира на оддел сликарство. Досега има реализирано повеќе самстојни изложби и учество во групни проекти. Моментно е актуелна претседателка на Друштвото на ликовните уметници на Кавадарци. Ми.М.