Вечерва, во 18.30 часот, во националната галерија на Македонија „Мала станица“, ќе биде отворена изложбата на плакати, насловена „Црнила“ од Ладислав Цветковски. Мотивиран од енергијата на студентските протести и инспириран од случувањата во Македонија, Цветковски го објавува плакатот „Црнила“ на својот блог и фејсбук-профил, со што го почнува проектот наречен „Мои коментари“.
Циклусот „Црнила“ е работен до 31 октомври 2017 и дотогаш се создадени 177 авторски дигитални плакати, од кои 3 се анимирани. Иако плакатите коментираат конкретни настани, изјави, однесувања на личности, менталитет, состојби, Цветковски вели дека со нив има цел да упати универзални пораки и да потсети на одредени изгубени вредности. Изложбата е пресек од седумдесетина плакати од циклусот „Црнила“, кои првпат ќе бидат прикажани во печатена форма.