Ликовната изложба на Кристина Зимбакова : ,,Ја извишила фортуната” ќе се одржи на отворено под самиот врв Сечена Скала, едно од највпечатливите места на стрмната планина Беласица во југоисточниот дел на Македонија на 2 јуни во 12 часот. Локалитетот на изложбата е на државната гранична линија. Со теренско возило од с. Смолари до горе е 2 часа, а пеш по планинарска патека е 4 часа.
На изложбата ќе бидат претставени триесетина нови дела во комбинирана техника создадени во последните две години, главно сочинети од циклусот „Срце в кафез,“ „Ја извишила фортуната“ и „Микроскопски стакленца.“ Габите и лишаите се примарно изразно средство, вткаени за цртање фигури или составување мозаик. Материјалот е собран преку лични теренски истражувања или од суви збирки, во соработка со био-научници. Применети се мноштво видови од планината Беласица во Македонија, но и ретки или ендемични видови од Аргентина, Антарктикот, суптропските предели на Австралија со Тасманија, САД, подножјето на Хималаите во Индија, Хрватска и ендемична алга од Јужна Африка. Ликовните дела се насликани на хартија од габи рачно изработена од авторката.
Грижливото користење примероци од габи и лишаи од разни делови од светот стопени во нов, уметнички контекст со фигуративен и лирско-експресивен израз има цел да ја поттикне и свеста за овие прастари, чудесни и загадочни организми.
Кристина Зимбакова (1975) во своето творештво негува интердисциплинарен пристап, каде се испреплетени сликарството, поезијата и природните науки, а габите и лишаите се најзастапен медиум. Досега имала самостојни изложби во земјава како и во Ирска, а учествувала на бројни групни изложби во странство, од кои се истакнуваат оние во Оксфордскиот театар во Англија и Музејот за уметност ‘Ешкенази’ во САД.