Вечерва во ликовната галерија од Центарот за култура во Кичево, за прв пат со своја изложба се претстави Кристина Деолска, архитект по струка, поет и сликар во техника енкаустика. За вечерва Деолска подготви 70 дела, кои можеа да ги видат малубројните љубители на уметноста од градот, присутни на изложбата.
– Енкаустиката е еден од најстарите видови на техника која се работела уште во стариот Египет и стара Грција. Всушност овој вид на уметност е творење со загреан восок со помош на пегла. За премиерната изложба во Кичево подготвив 70 дела кои ги имам изработено во текот на оваа година. Покрај во нашата земја со свој опус од дела изработени во енкаустика имам гостувано и во соседна Србија. Овој вид на творење сакам да го пренесам и на младите генерации и затоа ги посетуваме и училиштата каде држиме едукативни часови по овој вид на уметничко творење – рече авторката Деолска.
Инаку Деолска на самото место пред присутните ја демонстрираше техниката во творење на слики со растопен восок. З.А.