Самостојна изложба на слики на академскиот ликовен уметник Зоран Арсовски-Бабата ќе биде отворена утре во Ќустендил. По успешното претставување на изложбата „Тектонски нарушувања“, која има вкупно 64 слики на овој уметник во бугарската престолнина Софија, поради големиот интерес и желба овој најнов опус на дела да биде виден и во помалите градови во внатрешноста на Бугарија, изложбата ќе биде отворена и во Ќустендил.
Зоран Арсовски-Бабата дипломирал во 2005-та и магистрирал во 2007-та на Националната ликовна академија во Софија, насока сликарство, во класата на професорите Станислав Памукчиев и Божидар Бојаџиев. Член е на ДЛУМ.
Имал самостојни изложби во Македонија, Бугарија и во Србија. Има учествувано на повеќе групни меѓународни ликовни колонии, изложби, проекти, симпозиуми во земјава и во странство. Работи во националната установа центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, како стручен соработник за визуелни уметности, архитектура и дизајн. Неговите познати и нови сликарски техники се во сферата на штафелајското сликарство, а изработува и фрескоживописи, икони, сценографии и дизајн.