Во ликовната галерија на ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп е отворена изложба на дела од уметниците членови на Друштвото на ликовни уметници на Прилеп. Одржувајќи го континуитетот на неуморливата творечка креација, околу 20 члена на ДЛУП ќе имаат можност да го промовираат сопственото творештво за пошироката публика.
– Страста за уметноста продолжува да живее во срцата на уметниците и покрај ситуацијата во која се наоѓаме. Секој од уметниците докажува како на свој начин преку своето дело и уметничка креација го поминува овој тежок период.
Притоа, членовите учесници на годинашната изложба имаат можност да се претстават со сопственото творештво изработено во различни техники. Во најтешките ситуации како што е оваа, каде што за да се одржува духот на човекот е неопходно да се присетиме на убавите работи и моменти, со кои ќе го потхраниме духовниот порив и полесно ќе го надминеме овој период. Еден од тие начини е уметноста што ја создава Друштвото на ликовни уметници на Прилеп. Во „тишина“ ќе чуете и погледнете илјада збора што ќе ви раскажат преубави приказни за делата и за уметниците – вели Методи Исков, претседател на ДЛУП.