По повод одбележувањето пет години од смртта на големиот македонски ликовен уметник Глигор Чемерски ( 2. Април 2016 година) денеска во 12 часот во Музеј- галеријата во Кавадарци ќе биде отворена изложба на негови дела.


Глигор Чемерски несомнено е еден од најзначајните македонски современи уметници кој во штафелајното сликарство создаде експресионистички дела, проникнати со поетски рализам и фантастика. Подоцна се посветува на автохтона интерпретција на средновековната иконографија. Чемерски се смета за уметник што ја создаде живата Византија во Македонија, човек што создаваше декоративен космос и оперираше низ столетијата. Неговите слики се застапени во многубројни уметнички државни институции во земјата и странство, како во многубројни приватни колекции во Скопје, Париз, Амстердам, Хаг, Стокхолм, Рим, Њујорк, Вашингтон, Вилмингтон, Феетвил и други
Глигор Чемерски е роден на 9 Март 1940 година во Кавадарци. Во 1963 година дипломира на Академијата за ликовна уметност во Белград каде што завршува и постдипломски студии и се стекнува со звањето магистер по сликарство. Како стипендист на француската влада има студиски престој во Париз 1969/70 година по што ќе следат студиски патувања во Египет, Грција, Италија, Холандија, Германија, Шведска и САД. Реализирал повеќе од 40 самостојни изложби , во земјата и странство,добитник е на важни награди и признанија и е еден од уметниците кој го одбележа македоснкото модерно сликарство. Беше член на МАНУ и почесен член на Руската Академија за наука и уметност.
Чемерски несомнено е еден од искличително талентираните македонски уметници кој се испроба и докажа на полето на графиката, сликарството, мозаикот, еден од ретките кои кои ја има способноста низ пишуваниот збор да ја изразат својата ликовна поетика. Автор е на монументални слики и мозаични композиции во кои доаѓаат до израз културните и уметничките слоеви во нашата земја. Особено значаен дел од творештвото на Глигор Чемерски претставуваат неговите монументални споменици како што се трите мозаика во неговиот роден град Кавадарци и тоа мозаикот под наслов „Раѓање на културата“ на зградата на Музеј-галеријата , мозаикот „Писма и пораки“ од 12квадратни метри на кавадаречката пошта и мозаикот под наслов „На тиквешките танчарки“ на поранешната Стоковна куќа во центарот на Кавадарци. Негово дело е и споменикот „Топла земја“ работен во современа техника фреско сликарство во Стопанска банка – Скопје, мозаикот „Човекот и светлината“ во ХЕЦ „Вруток“ и „Споменокот на слободата“ во Кочани на 330 метри квадратни мозаична површина што претставува несомено еден од најголемите потфати од овој вид во европски размери.
Изложбата во Музеј-галеријата ја уреди кустос-советник Весна Ѓорѓиева, а како куратори се најавуваат Билјана Галабова и Трајче Цветков.