„Нова димензија во создавање 1“ е изложба на уметницата Александра Димитрова, која ќе биде отворена денеска, во 12 часот, во домот на културата „Тошо Арсов“ во Виница. Најновиот ликовен циклус на академската уметница Александра Димитрова, работен во периодот на 2021 година, претставува продолжение на еден творечки концепт, кој уште од 2018 година е со тенденција на перманентна надградба и разработка, најпрвин транспониран во акварелот како ликовна техника, а сега и на платно.
– Сликите на Димитрова се своевиден говор за внатрешните доживувања, чувствата, мислите. Секое дело претставува ликовно евидентирање на архетипските таинства на битието, отпечаток на безброј прашања и одговори за сопствените вистини, визии, лична исповед, мал интимен разговор.
Во актуелниот ликовен циклус станува збор за дела во кои бојата ја има главната улога во градење на структурно изразната содржина на делото. Интензивна и сјајна, богатата колористичка палета поставена во смели контрастни комбинации и соодноси, визуелно зборува за проекција на силен внатрешен набој и ерупција на чувствата – вели Драгана Спасковска, историчарка на уметноста.